Од 10 часот денеска е отворен пунктот за масовна имунизација во спортската сала на медицинското училиште во Прилеп. Прилепчанката Драга Маркоска беше првата што се вакциниаше и веднаш порача – вакцинацијата ни е спасот од невидливиот непријател.
– Се чувствувам добро. Ова е потребно и им порачувам на сите што побрзо да се вакцинираат зашто ова ни е единствен спас од болеста, од корона-вирусот, рече Маркоска.
Според Кети Смилеска, директорка на градската болница со општа надлежност, првите два дена ќе се вакцинираат по 500 граѓани, а можноста е до 1000 на 15-те пункта, во зависност од добиените термини.
– Добивме 1000 вакцини на „Астра Зенека“. Првите два дена ќе се вакцинираат по 100 повозрасни граѓани зашто е хумано и наша обврска е прво да се вакцинираат ранливите категории. Денеска пунктот ќе работи од 10 до 16, а од утре од 8 до 20 часот. Можноста е да се вакцинираат по околу 1000 граѓани дневно, затоа е битно граѓаните да се пријавуваат, ќе добиајт порака за терминот и ние сме тука за да се вакцинираат, вели Смилеска.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски апелираше до граѓаните да се пријават за вакцинација.
– Секој термин ќе биде проследен за пунктот за вакцинација и уверен сум дека наредните два до три месеца сите пријавнеи ќе се имунизираат. Тоа е единствениот спас да излеземе од пандемијата, рече Јованоски.
Пунктот што функционираше во здравствениот дом за повозрасните граѓани е затворен и сите ќе се вакцинираат на пунктот отворен денеска, во спортската сала на прилепското медицинско училиште.