Јункер: Македонија разбра и напредува

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер во интервју за Дојче веле оценува дека Македонија прави голем напредок во насока кон Европа и дека она што е важно на тој пат е супстанцијата, а не календарот.

– Околу европските прашања никогаш не негувам илузии, зашто брзо би ги загубил. Бев во Македонија, ПЈРМ како што се нарекува со дипломатски жаргон. И, заклучив дека Македонците, владата, прават поинаков, многу голем напредок во насока на Европа. Но, на ниту една станица овде никому не му ветив датум за приклучување, дури и на оние кои сѐ уште не започнале преговори не им ветив датум за почеток на преговорите, а тоа нема да го правам ниту во наредните денови. Она што е важно е супстанцијата, а не календарот. Заинтересиран сум за термини, но не на начин да се заборави супстанцијата на преговорите, вели Јункер на крајот од неколкудневната турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Тоа, како што наведува, во Македонија го разбраа, а во Албанија малку помалку.

– Во април ќе дадеме наши препораки во оваа насока, но какви ќе бидат препораките не би можел сега да кажам, затоа што мора да се постигне уште посупстанцијален напредок. А, ние до април ќе проценуваме дали е направен доволно супстанцијален напредок, наведува претседателот на ЕК.

Нагласува дека условите за членство мора да се исполнат, а тоа вклучува и сите држави од Западниот Балкан да ги решат своите гранични конфликти.

– Не можеме да увезуваме гранични конфликти во Европа и ЕУ. Ние сакаме да внесеме стабилност во регионот, но не сакаме нестабилност како возвратен подарок, вели Жан-Клод Јункер.

Претседателот на ЕК, Јункер, утре во Софија заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, ќе има средба со лидерите на земјите од Западен Балкан. На собирот ќе учествува и македонскиот премиер Зоран Заев.

Тема на состанокот се можностите за забрзување на процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ и подобрување на меѓусебната поврзаност.