Царовска на средба со претседателот на турското Собрание: Северна Македонија и Турција имаат одлична соработка во областа на образованието

Соработката што се гради врз основа на образование продуцира долготрајно пријателство, заедничко разбирање и солидарност. Двете пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Турција, во континуитет ги унапредуваат билатералните односи и меѓусебно се поддржуваат, а токму во сферата на образованието бележат одлична соработка, беше констатирано на денешната средба во Анкара меѓу министерката за образование и наука Мила Царовска и претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, министерката Царовска истакна дека приоритет на нашата земја е образование за секое дете и дека МОН оздава услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во државата.

-Посебно сме горди на интегрираноста на турската заедница во образованието. Настава на турски јазик се реализира во повеќе основни и средни училишта, а турскиот јазик се изучува и во високото образование. Мултиетничката и мултилингвална средина придонесува учениците да се изградат во граѓани кои ќе живеат едни со други, а не едни покрај други. Интеркултурноста е и еден од клучните принципи на образовната реформа што се спроведува во Северна Македонија, а внесувањето содржини кои ги промовираат културните карактеристики на различните етнички и религиски заедници кои живеат во нашата земја овозможуваат продуктивен соживот, посочи министерката Царовска, заблагодарувајќи се на несебичната поддршка на пријателскиот турски народ во досегашниот период, информира МОН.

Претседателот на турското Собрание, Мустафа Шентоп, како што се наведува во соопштението, истакна дека Република Турција продолжува да биде меѓународен партнер кој го поддржува напредокот на државата во сите сфери.

– Северна Македонија и Турција имаат формализирано и ратификувано неколку протоколи за соработка во областа на образованието и за научно-техничка соработка. Шентоп се осврна на турскиот придонес во работата на образовните институции од сите нивоа во нашата земја, како и на поддршката за македонски студенти на универзитетите во Турција, нагласувајќи ја важноста на образовните политики во продуцирањето кадар оспособен за решавање проблеми со кои ќе се соочуваат во иднина, наведува Министертството за образование и наука.

Во македонската делегација која е во работна посета на Турција се и заменик-министерот Арафат Шабани и државниот советник за образовни политики Ѓонул Бајрактар.