Лидерите на шесте земји од регионот на вечера со Борел

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, вечер ќе има средба со шесте лидери на земјите од западен Балкан за да разговара со нив за стратегијата на ЕУ во регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Целта на високиот претставник е да ги собере шесте лидери од регионот за да ги слушне нивните мислења за тоа како ЕУ да биде поангажирана и поприсутна во регионот.
Борел на последниот Совет за надворешни работи со министрите на ЕУ инсистираше дека е неприфатливо што Западен Балкан две години не се нашол на дневен ред на дебатите на Советот за надворешни работи на ЕУ со кој тој претседава и увери дека нема да дозволи да поминат повторно две години без регионот.
Западен Балкан повторно ќе биде на агенда пред летото, најави високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
-Западен Балкан е дел од проблемот, но е дел и од решението, рече Борел и порача дека е потребно да се дискутира за геополитичката димензија на регионот со неговите претставници исто така.

Тој додаде дека вакцините кои ЕУ ги донираше за Западен Балкан не се донирани со никакви услови.

Северна Македонија ќе ја претставува премиерот Зоран Заев кој во текот на денот треба да пристигне во Брисел. Тој утре треба да има средба и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.