Северна Македонија е тест за Европа, односно дали Европа може да ги одржи нејзините ветувања за регион, што географски е дел од неа, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров во интервјуто за грчкото радио „Атина 98.4“, јави дописничката на МИА од Атина.
Истакнува дека дел од пораката до неговите соговорници е дека од моментот кога сите го пофалија Договорот од Преспа, од генералниот секретар на ОН, од претседателот на Европски совет, од комесари до европските лидери, „тогаш време е ЕУ да ги исполни своите заложби, за и ние да ги исполниме нашите кон нашиот народ, бидејќи нашето ветување се темелеше на ветувањето на ЕУ“.
За проблемот со Бугарија, објаснува дека сега со преодната Влада во Софија во пресрет на изборите во јули, постојат „комплицирани предизвици, но немаме луксуз да чекаме и да не ја искористиме можноста“.
-Ако ги земеме предвид влоговите, ако видиме дека ќе произлезе „win-win“ ситуација како за Северна Македонија, за нашето пријателство со Бугарија, така и за регионот и за самата ЕУ, ќе можеме конечно да најдеме начин да одиме напред, но решението, бидејќи говориме за Европската Унија, би требало исто така да биде усогласено со вредностите и принципите на заедницата, на европското семејство, објаснува Димитров.
Вицепремиерот истакнува дека Северна Македонија и Албанија не треба да се раздвојат и треба и двете земји заедно да ги одржат првите меѓувладини седници со ЕУ.
За наводните нон пејпери за промена на границите во регионот, Димитров потенцира дека „обединет Балкан може да постои само во обединета Европа, во систем во кој границите повеќе немаат важност“.
-Мислам дека нашата визија треба да биде граничната линија меѓу Белгија и Холандија, каде што не можат лесно да се видат разликите, истакнува потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања.
По повод тригодишнината од Договорот од Преспа, вели дека „постигнавме чудо, решивме прашање, кое беше нерешено 25 години и добивме пријател“.
-Јас лично ја чувствувам разликата, споредувајќи ги посетите претходно и потоа. Грција исто така доби нов пријател, веќе сме сојузници во НАТО. За време на средбата на двајцата премиери Мицотакис и Заев личеше како времето да не е доволно за да разговараме за сите проекти што се во тек или што набргу ќе започнат во областа на економијата, во олеснување на трговијата, подобрување на бизнис климата. Во енергетиката веќе се прават многу работи, во нашата стратешка соработка, но мислам дека треба да се направат повеќе работи, да ги приближиме младите, да ги запознаат земјите, објаснува Димитров за грчкото радио.
Со оглед на тоа дека поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас веќе издаде книга за Договорот од Преспа, вицепремиерот Димитров, на прашањето дали и тој планира да напише, вели дека си ветил дека ќе го стори тоа и ќе го стори, но објаснува дека сепак е малку тешко бидејќи потребно е време и духовно расположение, кое тешко се комбинира со континуираните патувања и средби.
-Имам некои прибелешки и веќе снимивме мал документарец, кусо по потпишувањето, во 2018 година, што ќе ми помогне одново да го пронајдам потребното духовно расположение. Ќе го сторам тоа со големо задоволство. Имам прочитано делови од книгата на Никос Коѕијас, но мислам дека мојата ќе биде малку пократка, вели Димитров грчкото радио „Атина 98.4“.