Министрите на денешната владина седница усвоија информацијата за воведување заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и Република Србија на граничните премини Табановце – Прешево и Пелинце – Прохор Пчински.
Оваа мерка е една од целите на Повеќегодишниот акциски план за создавање Регионална економска област на Западен Балкан, усвоен на Самитот во Трст од јули 2017 година.
Тој меѓу другото предвидува олеснување на слободната трговија со стока и подобрување на заедничкото управување со ризик, гранични контроли и гранични контроли со едно застанување односно Оне-Стоп Шоп.
На денешната 56-та седница беше усвоена и информацијата за потребата од потпишување Договор за соработка во областа на дијаспората помеѓу владите на Република Албанија и на Република Македонија.
Во име на Владата на РМ договорот ќе го потпише министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми.
Со договорот ќе се продлабочи соработката меѓу двете земји преку заеднички акционен план во областа на дијаспората, како и преку периодични програми за соработка.