Во Скопје протестен марш за зачувување на уставното име

Движењето „За заедничка Македонија“ вечерва во Скопје одржа протест на кој беше побарано прекин на преговорите за името, зачувување на идентитетот на нацијата, повлекување на Законот за употреба на јазиците, отфрлање на договорот со Бугарија…

Во првите редови на протестот беа Сотир Костов, Тодор Петров, владиците Агатангел и Петар, претставници на македонската дијаспора…

– Македонците и дома и во светот и натаму бараат безусловен крај на разговорите за разликата за државното име со Владата во Атина. Бараме претседателот со нота да го извести генералниот секретар и да достави предлог – резолуција до Генералното собрание на ОН за продолжување на членството во ОН и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, со можност за додавка на уставното име Република, како јасна разлика од истоимената провинција во Грција, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и јазик, истакна во своето обраќање Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.

Според него, Македонците предлагаат историско македонско-грчко помирување и договор за траен мир и добрососедство.

– Отфрламе рефендум, промена на Уставот и Ратификација на меѓународен договор заради промена на името и идентитетот на нацијата. Нов референдум за името нема да биде референдум за одбрана туку за негова трајна промена, рече Петров.

Доколку овие барања не се остварат, организаторите на протестот ќе бараат самораспуштање на Собранието и организирање вонредни парламентарни избори во Македонија.

Од претседателот побараа амнестија за сите притворени и затворени за настаните во Собранието на 27 април, повикувајќи се на членот 11 од Законот за помилување, а повредените во настаните да ги повлечат тужбите.

Владиката Преспанско пелагониски Петар потсети дека Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија лани во декември апелираше до државните фактори да не се менува Уставот на Македонија, да не се менува уставната позиција на македонскиот јазик, да не се отстапува од македонскиот национален идентитет и да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија.

Според него, за неменување на името на нашата држава најмногу ќе ни помогнат, како што рече, браќата Грци со тоа што нема да отстапат од црвените линии.

Владиката Петар повика, како што рече, да не правиме ништо лошо, бидејќи така ќе докажеме дека имаме љубов и за нашите непријатели.

Владиката Повардарски Агатангел повика, како што рече, да бидеме достоинствени и да си го чуваме нашето македонско име, јазикот, идентитетот, унитарниот поредок на нашата држава и името на нашата црква. Време е, според него, еднаш нашите државници, да го слушнат гласот на народот и да не водат по прав вистински пат.

Протестот, кој се одржа додека во Скопје паѓаше снег, почна пред мисијата на Европската унија, а заврши пред Собранието на Република Македонија.