Македонската Влада соопшти вчера дека посредникот Метју Нимиц предложил четири опции за името и тоа не се предлози на Македонија.
Владата потенцира дека премиерот Зоран Заев не изјавил дека Македонија изнела четири предлози за решавање на спорот околу името со Грција, како што пренесе агенцијата Ројтерс.
Владата укажува на погрешна интепретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со премиерот Заев, во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на деценисккото недоразбирање со Грција за името“.
– Јавноста во Македонија и во светот знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на ОН посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција, се наведува во демантот на Владата.
Се додава дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија.
Предлозите, кои според Ројтерс ги навел Заев се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардар Македонија и Република Македонија (Скопје).
Како што објави Ројтерс, премиерот Заев нагласил дека останува прашањето дали постои реална потреба Македонија да го смени Уставот, нешто на што Грција инсистира изминатиот период, но Владата го појаснува и тој дел од објавеното.
Во врска со деловите од интервјуто на премиерот Заев за Агенцијата Ројтерс преземено од страна на некои од македонските медиуми и во кои се пренсува дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во Уставот, кабиентот на Заев категорично тврди дека премиерот нема искажано таков став во интервјуто.
– Наместо тоа премеирот Заев на прашањето на новинариот на Ројтерс одговара дека Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалкеу бидејќи тоа е многу тешко прашање, нагласи Владата.
Во продолжение на разговорот на оваа тема премиерот Заев додал „останува отворено прашање дали постои вистинска потреба за промена на Уставот, нешто што Грција го бара изминатите месеци“.
Во интервју за Евроњуз дадено претходно, Заев вели дека нема потреба од смена на Уставот на Македонија.
– Нема потреба да се смени Уставот. Уставот е домашна книга и нема последици надвор од земјата, вели Заев во интервјуто. Во однос на тоа дали и идентитетот е предмет на преговори, македонскиот премиер одговара негативно. Вели дека не постои разговор за идентитетот, односно за националноста, но постои параграф за државјанството.
Во меѓувреме, портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, говорејќи за грчката телевизија „Алфа“, порача дека грчките позиции и предуслови се јасни, а соседната земја е таа што треба да покаже волја и расположение за договор, а во спротивно нема да има решение.
– Ние имаме кажано кои се предусловите за да се постигне решение. Оттука, доколку нашите соседи имаат расположение и волја да одиме напред, да се насочиме кон едно заемно прифатливо решение, ние сме отворени и го имаме покажано тоа, ако не, нема да има решение, рече Димитрис Ѕанакопулос, одговарајќи на прашање за ставовите на македонскиот премиер Заев.
Грчки дипломатски извори, пак, за „То Вима“ оцениле дека е неопходна внимателност во очекувањата за прашањето за името со Скопје, поткрепувајќи го ова со ставот дека разликите меѓу двете страни, за одредени точки сѐ уште се големи.
Според весникот, во пречките што се поставуваат се и честите споменувања на Уставот од премиерот Заев, и ставовите дека не е потребна промена затоа што не постои ниту иредентизам, ниту територијални претензии. Во однос на името, весникот пишува дека и покрај тоа што Горна Македонија преовладува, сепак, ни тоа прашање не е затворено.
По протестите во Грција, синоќа и во Скопје беше одржан протестен марш на кој беше побарано прекин на преговорите за името, зачувување на идентитетот на нацијата, како и повлекување на Законот за употреба на јазиците, отфрлање на договорот со Бугарија…
Доколку овие барања не се остварат, организаторите на протестот најавија дка ќе бараат самораспуштање на Собранието и организирање вонредни парламентарни избори во Македонија.
Во првите редови на протестот, покај организаторите, беа и владиците Агатангел и Петар, како и претставници на македонската дијаспора…
Владиката Преспанско пелагониски Петар потсети дека Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија лани во декември апелираше до државните фактори да не се менува Уставот на Македонија, да не се менува уставната позиција на македонскиот јазик, да не се отстапува од македонскиот национален идентитет и да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија.
Според него, за неменување на името на нашата држава најмногу ќе ни помогнат, како што рече, браќата Грци со тоа што нема да отстапат од црвените линии. Владиката Петар повика, како што рече, да не правиме ништо лошо, бидејќи така ќе докажеме дека имаме љубов и за нашите непријатели.
Протестот почна пред мисијата на Европската унија, а заврши пред Собранието на Република Македонија.