Културно-информативниот центар – Скопје денеска организираше трибина на тема „Блаже Конески денес“, по повод сто години од неговото раѓање. На трибината, говорниците дискутираа за неговото творештво, односно што претставува неговото творештво денес во однос на македонсктата општествена, културно-просветна и научна стварност, како стимул и корпус.
Директорката на КИЦ, Сермине Пурини истакна дека Конески, претставува најзначајната фигура на 20 век, правејќи ги најголемите чекори за македонскиот литературен јазик.
-Македонскиот народ по Крсте Петков Мисирков не создаде друго име што заора толку длабоки дразди во македонската духовна нива и што толку широко и далеку ги распростри своите мисловни радијации на планот на науката и литературата е цитат на Блаже Ристовски. Со оваа мисла на академик Ристовски го започнувам мојот денешен обид на темата на трибината и да кажам зошто Конески и денес е врвно име на македонската наука, литература и култура, истакна Љубица Јанчева, претседател на Советот на Град Скопје.
Јанчева посочи дека Блаже Конески е длабоко всаден и во науката и во традицијата, а неговото творештво е толку силно и цврсто втемелено во научната вистина и во вредностите на традицијата, што некои бранувања од времен карактер не можат да го доведат тоа во прашање.
Таа додаде дека Советот на Град Скопје на 65-тата Седница донесе одлука булеварот „ВМРО“ да го носи името на Блаже Конески. Јанчева посочи дека и финансиски ќе го поддржат издавањето на книгата „100 песни во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески“.
Како говорници на трибината присуствуваа и професорот Димитар Пандев, Бобан Карапејовски и Бојан Петревски од Филолошкиот факултет во Скопје. Тие, исто така говореа за значењето и делата на Конески и што тој денес претставува во македонското општество и култура.
-Денес слободно можеме да го споредиме Конески и со најголемите светски лингвисти и врвните светски поети, вели професорот Пандев.
Блаже Конески е најистакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Конески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност. Влијанието на Конески врз културно-општествената заедница се проширило не само во Македонија, туку и на поранешните простори на Југославија и ширум Европа. Добитник е на многу награди, како „11 Октомври“, „Гоце Делчев“, „Ацо Шопов“, „Браќа Миладиновци“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, „Рациново признание“, 13 Ноември“.