Европската комисија со нетрпение очекува одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро, ова е јасна позиција на Комисијата, но Советот е тој што треба да ги одобри преговарачките рамки што ги поднесовме веќе пред некое време, рече портпаролката за проширување на Европската комисија Ана Писонеро. Изјавата следуваше откако шефот на германската дипломатија Хајко Мас порача дека не треба да се раздвојат Северна Македонија и Албанија во преговарачкиот процес со ЕУ.
Портпаролката за проширување Ана Писонеро на вчерашниот редовен брифинг за новинари, како што јави дописничката на МИА од Брисел, одговарајќи на прашање го повтори ставот на Европската комисија.
Писонеро додаде дека се очекува од португалското претседателство да ги свика конференциите за двете земји што поскоро.
Европската Комисија смета дека двете земји се подготвени да ги започнат преговорите со ЕУ штом земјите членки дадат зелено светло за усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.
Мас, од своја страна, на вчерашната заедничка прес-конференција во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, јасно порача дека Германија многу сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот.
-Особено тоа важи за Северна Македонија која одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и затоа минатата есен вложивме многу заложби да ја одржиме првата меѓувладина конференција во рамки на нашето претседателство. Тоа не успеа, но сега за време на португалското претседателство и понатаму работиме на тоа, тоа не само што има смисла туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните од Северна Македонија ја имаат во нас, но исто така и интерес на ЕУ е да бидеме што е можно побрзо во можност да ја отвориме таа пристапна конференција, рече Мас.
Во поглед на реформите, истакна, Северна Македонија понатаму продолжува и тоа е јасен сигнал до Европската Унија дека вие сте сериозни во спроведувањето на реформите, особено што се однесува до правната држава и тоа е добрата вест и со тоа испраќаме јасна порака дека се движиме кон заедничката цел и Германија стои на ваша страна.
Мас, во врска со можноста Северна Македонија и Албанија да се разделат на патот кон ЕУ, е дециден дека раздвојувањето на двете земји не е став што го споделува Берлин.
– Што се однесува на прашањето за раздвојувањето меѓу Северна Македонија и Албанија, вакви дискусии веќе имало и порано, и претходно, но обратно. Во минатото ништо не се смени за пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија, а тоа е да бидат водени понатаму заедно во пакет и сметам дека во сегашниот момент германската Сојузна влада исто така многу се залагаше за време на нејзиното претседателство и сега дава поддршка на португалското претседателство да може што е можно побрзо да се изнајдат решенија за решавање на билатералните прашања. Со тоа да може брзо да се отвори пристапната конференција за Северна Македонија и за Албанија. Какви било други размислувања за разделувања на овие две земји не се мислења што ние ги споделуваме, рече Мас.
Во врска со истото прашање, Османи рече дека иако ЕК за Северна Македонија 11 пати по ред дава препорака за започнување преговори, и дека и покрај тоа што „кондиционалноста на процесот на проширување се заснова на индивидуалните заслуги на секоја земја посебно“, искуствата покажуваат дека кога државите се движат заедно во процесот, синергијата што се создава е поголема отколку збирот на поединчното движење на државите.
– Сметаме дека Албанија и Северна Македонија ги имаат исполнето условите и треба да започнат преговори и тоа ќе даде нова динамика на регионалната перспектива на регионот, и со тоа ќе се придружат на Црна Гора и на Србија кои веќе ги имаат започнато преговорите. Така што не гледаме причина зошто би имало издвојување, особено, кога Северна Македонија ги има исполнето сите критеруми – има 40 проценти од европското аки преточено во своето домашно законодавство, 95 проценти ја има усогласено својата надворешна и безбедносна политика со таа на ЕУ, ги имаме постинато економските и политичките критериуми за членство, така што не гледаме причина зошто Северна Македонија би останала назад во овој процес, истакна Османи.
Тој исто така рече дека германската поддршка е од суштинско значење за земјава и се заблагодари на личниот ангажман на Мас, на упорноста на канцеларката Ангела Меркел и на Владата на Германија за досегашниот успех на европскиот пат на Северна Македонија.
– Неуспехот на Советот на ЕУ да ја формализира одуката од минатата година останува наш заеднички предизвик за оваа година. Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор. Операционализација на одлуката за полето на преговорите преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти кредибилитетот на евроинтеграцискиот процес. Особено ме охрабрува фактот што во рамки на претседавачкото трио, Германија ја задржува својата проактивна улога во поддршка на португалското претседателство со цел да се донесе вистинската одлука што ќе упати охрабрување до целиот регион и ќе го зацврсти европскиот кредибилитет во целост, истакна Османи.
Во однос на решавањето на билатералното прашање со Бугарија, Мас порача дека Германија нуди поддршка преку нивните искуства за решавање на билатералното прашање меѓу Скопје и Софија, но останува прашањето да се реши на билатерално ниво, а преговорите да ги водат историчарите.
– За нас е одлучувачки она што се однесува до преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Минатата година имавме интензивни преговори со партнерите во Скопје и Софија и исто така нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа од страна на Северна Македонија и Бугарија е посакувано. Останува овие прашања да се решат на билатерално ниво. Самите вешти лица, историчарите, мора да ги водат во рамки на своите комисии, без притисок од надвор, потенцира Мас.
Шефот на дипломатијата Османи, пак, посочи дека клучот на решението на проблемот со Бугарија е во Договорот за пријателство потпишан во 2017 како прецизна политичка рамка за разрешување на било кои недоразбирања.
– Во исто време во континуитет имаме искрен пристап кон нашите соседи со посебен фокус кон Бугарија. Веќе оформивме и Акциски план за линиската соработка меѓу двете држави на повеќе полиња. А подготвени сме да влеземе и во суштинска расправа за недоразбирањата што ја оптоваруваат довербата меѓу двете земји, рече Османи.
На последниот, 13. состанок на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, што се одржа на 23 април во онлајн формат, не се постигна никаков резултат, што според претседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев, се должи на политичката ситуација во Бугарија. Тој рече дека р азговарале за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна. Наведе дека двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови.
Во врска, пак со нон-пејперот за прекројување на границите, Мас рече дека Германија е категорично против какви било поместувања на границите.
– Ова е нон-пејпер, а не е официјален документ. Не треба да се занимаваме со тоа понатаму. Не постои никакво учество на Германија, во никакви нон-пејпери, ако има за тоа гласини тоа се лажни вести. За германската надворешна политика секогаш основа на нашата политика за Западниот Балкан е дека не мешаме прсти во границите, рече Мас.
Германскиот министер потенцира дека какви било промени на границите, каде било, ќе имаат влијание врз целиот регион и ќе има негативни последици за сите.
– Во минатото го одбиваме тоа и сега го одбиваме, и во иднина комплетно тоа ќе го отфрлуваме, категоричен е Мас.
Нон-пејпер испратен до ЕУ минатиот месец, во којшто се предлага прекројување на границите на Западен Балкан, бил наводно напишан од словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој потоа тоа го демантираше. Повеќе европски официјални претставници, како и политичари од регионот, предложената промена на границите ја оценија како опасна и го отфрлија овој концепт.