Општина Штип стратува со проектот за изградба на секундарна гасификациска мрежа. Градоначалникот на Општина Штип Благој Бочаврски на денешната прес-конференција информираше дека е објавен повикот за избор на најповолен понудувач за изработка на основен и идеен проект за изградба на 20 километри гасоводна мрежа. Јавниот повик е објавен на 19 февруари во електронскиот систем за јавни набавки во Службен весник на Р.Македонија и во Службено гласило на ЕУ. Проценетата вредност на проектот без вклучен ДДВ е 4.950.000 денари и ова е стартна цена за компаниите, кои имаат интерес да го изработат проектот.
– Ова значи дека започнуваме еден крупен процес, дологодишен кој што ќе значи олеснување на животот на граѓаните, ќе значи и заштеда на енергија, многу помали сметки за загревање на домовите на граѓаните. Општинските и државните институции ќе плаќаат многу помали сметки за загревање. Што значи дека 40 до 50 проценти, а некаде и до 70 ќе имаме помали сметки за загревање. Индустриските капацитети во Општина Штип ќе имаат исто така огромни олеснувања, вели Бочварски.
Тој истакна дека огласот ќе трае до 12 март 2018 година, по што ќе се одржи електронска лицитација за најповолен понудувач за изработка на основен и идеен проект за секундарна гасоводна мрежа.
Бочварски забележа дека овој проект ќе им послужи како основа за развивање на мрежата, согласно потребите на граѓаните и фирмите, кои веќе имаат пројавено интерес.
– Доколку некои идни генерации чувствуваат потреба дека мрежата е мала ќе можат да го надградат овој проект. Јас мислам дека сега е доволно за една почетна фаза, за кој што, јас верувам дека во наредните десетина години ќе ја реализираме целосно, рече Бочварски.
Штипскиот градоначалник на денешената прес-конференција додаде дека ќе престои и период, во кој локалното раководтсво треба да одлучи дали секундарната гасификациска мрежа ќе се гради од буџетот на Општина Штип преку формираното јавно претпријатија за гасификација или пак преку јавно-приватно партнерство.
Очекува наредната година да се постави и првата цевка на гасификациската мрежа.