Вучиќ: Од Белград до Скопје со воз ќе се патува за три и пол часа

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, по разговорите со претставниците на ЕУ во Брисел, изјави дека на крајот на август почнува изградбата на проектот Ниш-Приштина и оти се договара железничка пруга до Прешево, јави дописникот на МИА од Белград.

Европската унија ќе инвестира повеќе од 600 милиони евра во изградба на брза пруга помеѓу Белград и границата со Северна Македонија, изјави Вучиќ.

-Најважното нешто за што разговаравме овде во Брисел е тој фантастичен проект на брзата пруга Белград-Ниш, за кој добивме понуда од Кинезите. Европејците рекоа дека можат да дадат подобра понуда и добивме неверојатна цена, изјави Вучиќ во обраќањето до јавноста од Брисел.

Вучиќ објасни дека, според избраната варијанта, тоа ќе ја чини Србија максимум 1,2 милијарди, бидејќи околу 35 до 50 отсто ќе бидат подарени пари од ЕУ.

-Над 600 милиони бесплатни пари, дури и ако се работи за варијанта со 35 отсто, за фантастичниот проект што не поврзува со Скопје, Солун, Атина….Ќе се молиме сè да биде готово до крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година, изјави Вучиќ.

Тој им се заблагодари на луѓето од ЕУ, потенцирајќи дека „ова е голема шанса за Србија и голема надеж“, најавувајќи проекти кои „драстично ја менуваат земјата“.

Кога станува збор за пругата, тој изјави дека ќе се гради комплетна пруга од Ниш до Прешево, што е тешко, особено во Грделичката клисура.

Верувам дека од Белград до Скопје, со сите станици, ќе се патува нешто повеќе од 3 часа, околу 3 часа и 30 минути до Скопје од главниот град на Србија. Со авион не можете побргу да стигнете. Ова се неверојатни промени, изјави претседателот на Србија

Тој прецизираше дека се дискутирало за пет варијанти, а Србија ја прифатила варијантата 4, каде цената е 1,766 милијарди евра до Ниш, со најмалку 600 милиони помалку, бидејќи ЕУ ќе даде толку.

Според него, инвестирањето во Србија ќе придонесе за раст на животниот стандард.

Претседателот на Србија потоа објави мапи на новата железничка инфраструктура во Србија.

-Тоа ќе значи многу, не само за превоз на луѓе, туку и за стока, и не можев да ја сокријам возбудата од тоа, изјави српскиот претседател, оценувајќи дека ова е една од најважните работи што ќе ги постигне за време на неговиот мандат.

Тој изрази надеж дека договорот во врска со ова ќе биде потпишан наскоро и пренесе дека ја поканил Урсула фон дер Лајан да дојде во Србија и да види на лице место колку е важен проектот.