Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз, денеска, во армискиот полигон „Криволак“ ќе ги посетат припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на вооружените сили на САД, кои заеднички работат на изградба на нови содржини на полигонот, пред почетокот на меѓународната вежба, „Одлучен удар 21“.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, во рамки на посетата, министерката Шекеринска и амбасадорката Брнз ќе дадат изјави за медиумите.
Вежбата „Одлучен удар – 21“ ќе се реализира во периодот од 17 мај до 2 јуни на АП „Криволак“ и на неа предвидено е да учествуваат околу 2.000 припадници од армиите на САД, Грција, Бугарија и од Република Северна Македонија. До самото започнување на вежбата ќе се реализираат повеќе инженериски активности, односно уредување на полигонот „Криволак“ што ќе овозможи беспрекорно реализирање на вежбовните активности.
Настанот се организира според важечките протоколи за здравствена заштита, одржување на растојание и носење на заштитни маски. Од Министерството за одбрана апелираат за време на настанот да се почитуваат пропишаните мерки.