Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со амбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ Дејвид Гир на која била изразена поддршка за развојните и интеграциските процеси на нашата земја, со фокус кон натамошен напредок во реформските процеси и на политиките на дијалог во насока на граѓанските интереси и на државните стратешки цели.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, посебен акцент е ставен на активностите што се преземаат за неселективна борба против криминалот и корупцијата, на владеењето на правото, за ефикасно правосудство, слобода на медиумите, функционалност на институциите.
Заеднички е заклучено и дека е потребно висока свест од сите политички субјекти за функционален Парламент, во полза на потребите на граѓаните и на спроведувањето на европската агенда, се посочува во соопштението.
-Покажавме дека нема недопирливи кога се работи за владеењето на правото и во таа насока ќе продолжиме да ги мотивираме да работат сите надлежни институции и органи. Цврсто сме фокусирани на борбата против организираниот криминал и корупцијата и во соработка со нашите меѓународни партнери. Посветени сме на инклузивно работење со сите политички субјекти и општествени чинители. Се грижиме за здравјето и егзистенцијата на граѓаните и фирмите. Зголемен е бројот на странски инвестиции во земјава. И, со сите овие чекори што ги правиме, очекуваме економскиот развој да продолжи, имплементација на европските вредности дома, но и исчекор во европските интеграции, рече премиерот Заев.
Премиерот, како што се наведува, упати благодарност до еврокомесарот Оливер Вархеј, за неговите големи заложби за финансиска помош и за распределба на вакцините и кон земјите од Западен Балкан, како дел од заедничките напори за справувањето со последиците од пандемијата.