Прилепскиот совет одлучи: Цената на водата за пиење иста, а за отпадните води за два денари повисока

Цената на водата за пиење во Прилеп останува иста, но според барањето на регулаторната комисија цената на отпадните води се зголемува за два денари, одлучи денеска советот на општина Прилеп. Така, според калкулациите на прилепски водовод мартовските сметки што прилепчани ќе ги добијат во април во просек ќе се зголемат за 15 до 20 денари.

Ова се одлуки на барање на Управниот одбор на ЈП „Вдовод и канализација“ за одредување на цената на пречистителна отпадна вода, на цената на отпадната вода и за одредување на цената на водата за пиење.

За прилепскиот градоначаланик Илија Јованоски останува заложбата на општината да не се менува цената на водата за пиење иако регулаторната комисија бараше зголемување од околу 3,5 денари.

– Регулаторната комисија предложи минимална, средна и максимална цена на водата за пиење по еден кубен метар. Средната цена што ја предложи Комисијата беше 29,69 денари за еден метар кубен, а максималната предложена цена беше 33,3 денари. Досегашната цена на водата е 26,22 денари. Прилепски водовод предложи, а советниците изгласаа да не се прифатат ниту средното ниту максималното зголемување на цената на водата, туку таа да остане иста, односно 26,22 денари. Со оваа одлука остана и ветувањето што им го дадов на прилепчани во предизборитето, изјави Јованоски.

Појасни дека сметките ќе бидат зголемени поради новата цена на отпадните води што ја бараше Регулаторната комисија.

– Досегашната цена на отпадните води беше три денари, а регулаторната комисија даде предлог средната вредност да биде 5,85 денари по еден метар кубен, а највисоката предложена вредност беше 7,7 денари. На предлог на прилепски водовод, советот одлучи да се прифати цена за отпадните води од 5,28 денари. Ова значи дека советот се реши за пониска цена од предложената средна цена од Регулаторната комисија, објасни Јованоски.

Според директорот на прилепски водовод Емил Јанески, мартовските сметки прилепчани во април ќе ги добијат зголемени за 15 до 20 денари.

– Регулаторната комисија првпат ја определува тарифата за да обезбеди финансиска ликвидност и одржливост на јавните комунални претпријатија. Врз основа на тоа, јавното комунално претпријатие има законска можност да ја зголеми или да ја намали просечната тарифа за водните услуги. На инсистирање на прилепскиот градоначалник, претпријатието ќе се потруди да ги намали целокупните трошоци за цената на водата за пиење да остане иста. Што се однесува до урбаните отпадни води, 70 до 80 насто од еден кубен метар вода отпаѓа на отпадни води. Ако едно семејство просечно месечно троши 15 кубни метри вода, 10 кубни метри се отпадни води. Со зголемувањето од два денари на еден кубен метар отпадна вода, во просек зголемувањето на месечната сметка е 15 до 20 денари. Претпријатиоето нема да има загуба, но ќе ги намали оперативните трошоци. Ќе работиме поекономично. Одлуката за цената е за наредните три години, рече Јанески.

Денешните одлуки на прилепскиот совет се носеа двапати. Советниците мораа по завршувањето на 9. седница, експресно да ја одржат 10. седница само за одлуките што се однесуваат за водата. Имено, откако се констатира дека еден советник од опиозиционата СДСМ има конфликт на интереси зашто неговата сопруга работи во прилепски водовод. Тој се иззеде од одлучување па одлуките беа донесени без неговиот глас.

На ова и на одлуките за цените на водата за пиење и за отпадната вода реагирааше опозиционата ВМРО-ДПМНЕ. Советниците на оваа партија кои беа против, сметаат дека одлуките се штетни за прилепчани, а цената на водата се зголемила.

– Во наредните, мартовски сметки прилепчани ќе добијат повисоки цени и сметки за едно евро. Ова е лицемиерие на прилепскиот градоначалник, кој вети пониски сметки за вода од 20 отсто, рече Петар Ристески, советник од ВМРО-ДПМНЕ.