Комисијата за заразни болести препорача продолжување на рестриктивните мерки до 27 април

Забраната и посебниот режим на движење на граѓаните во временски период од 20 часот до 5 часот наредниот ден, што беше воведена на 6 април завршува денеска.

Од Комисијата за заразни болести вчера за МИА информираа дека донеле препорака за продолжување на рестриктивните мерки во наредните седум дена.

Владата денеска на седница ќе ја разгледа препораката од Комисијата за заразни болести, а што ја разгледа и Кризниот штаб, за продолжување на рестриктивните мерки.

Главниот координативен кризен штаб на вчерашната седница ги разгледуваше предлозите пристигнати од Комисијата за заразни болести и врз основа на истите предлага на наредната седница на Владата, да се усвои одлука со која постојните мерки кои се со важност до 20 април (вторник), да продолжат да се применуваат до 27 април (вторник).

Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен кризен штаб, како што соопшти владината служба за информирање, ќе ја разгледа можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица и тоа конкретно за: во периодот од 27 април (вторник), заклучно со 15 мај (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа во отворениот дел, забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден, да се дозволи организирање на спортски тренинзи во фитнес центри/клубови на отворен простор и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.

Во насока на сузбивање ковид-пандемијата, министерот за здравство Венко Филипче и поглаварите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, вчера разговарале за актуелната состојба со Ковид-19 во земјава и за можните ризици од групирање за време на претстојните верски празници.

Филипче соопшти дека на средбата се согласите оти сите чинители треба активно да придонесат во битката со пандемијата и се договориле да ја интензивираат комуникацијата во следниот период.

Мерки за спречување на коронавирусот, воведуваат и соседите на нашата држава. Албанија од денеска воведува двонеделен карантин за сите кои влегуваат на нејзина територија од Северна Македонија и од Грција.

Одлука за тоа вчера донесе Комитетот на експерти за справување со пандемијата и истата ќе биде во сила до 3 мај.

Претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство Мира Ракацоли рече дека во Северна Македонија и Грција е зголемен бројот на случаи, но и бројот на изгубени животи. Таа додаде дека велигденските празници во Албанија ќе донесат многу лица и емигранти од други земји, а имајќи предвид дека минатата година по овој празник бројот на новозаразени забележал голем раст, како и зголемен број смртни случаи, комитетот ја донел оваа одлука.

За македонските државјани, границите на Грција остануваат затворени уште една седмица, со оглед на тоа дека грчката Влада вчера ја продолжи до 26 април 2021 година министерска одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Во новата министерска одлука, промени има за државјани на одредени земји, како што се членките на ЕУ, Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнувањето, а отворен е уште еден граничен премин, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа), од Бугарија ќе можат да влезат во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација.

За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории. За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а и за возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција.

Границата со Грција, веќе 13 месеци е затворена за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш континуирано се продолжува.

За еден месец, односно на 14 мај, според најавите од грчката Влада, Грција ќе го отвори туризмот за сите, а за патување ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19.