Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на Армискиот полигон „Криволак“, каде беше информиран за активностите на припадниците на Армијата и на 15. Инженериски баталјон на Вооружените сили на САД, во пресрет на почетокот на големата меѓународна вежба „Одлучен Удар – 21“.
Како што соопштија од Кабинетот на шефот на државата, Пендаровски изврши обиколка на дел од терените, како и сместувачките капацитети каде се предвидени активности на претстојната вежба „Одлучен Удар – 21“ и беше запознаен со планот за подобрување на инфраструктурата и предвидените понатамошни проекти кои имаат цел да го промовираат „Криволак“ во современ воен тренинг центар на кој ќе можат да се одржуваат вежбовни операции според сите стандарди на НАТО. Претседателот Пендаровски, се наведува, направи увид и во градежните активности кои се реализираат со цел надградба и проширување на капацитетите за обука и вежбање на полигонот.
– Претседателот оцени дека Армијата на Република Северна Македонија како НАТО членка со претстојната вежба ќе има одлична можност да ја подобри интероперабилноста со другите земји учесници членки на НАТО, се наведува во соопштението.
За време на посетата, на претседателот Пендаровски му беа презентирани и планираните активности поврзани со првичното оценување на декларираниот лесен пешадиски баталјон, според НАТО стандардите „КРЕВАЛ“ кое претстои во текот на 2022 година. Претседателот Пендаровски, се посочува, изрази очекување дека успешно ќе бидат оценети борбените способности на овој баталјон, согласно највисоките НАТО стандарди и ќе биде сертифициран како борбено способен за изведување на операции на НАТО.
Претседателот Пендаровски беше запознаен и со фукционирањето на Ковид центарот во рамки на полигонот Криволак, кој е формиран за превентивно спречување на ширењето на Ковид-19, пред и за време на вежбата.
Вежбата „Одлучен удар – 21“ ќе се одржи во периодот од 17 мај до 2 јуни 2021 година на Армискиот полигон „Криволак“. На вежбата ќе учествуваат околу 1.100 припадници на Армијата, околу 300 американски војници и по околу 20 припадници на вооружените сили на Грција и Бугарија.