Во 1995 година во Рим престојуваше македонската државна делегација на чело со претседателот на републиката г-дин Киро Глигоров, министерот Стево Црвенковски и министерот Ештреф Алиу.
По повод 24 Мај, празникот на сесловенските просветители солунските браќа свети Кирил и свети Методиј, делегацијата на Македонската православна црква, предводена од Поглаварот на нашата Црква, г. г. Михаил, а во придружба на митрополитот Полошко-кумановски Кирил и протоѓаконот Александар Цандовски, какo и авторот на овие редови Славе Николовски –Катин, во својство на потпретседател на Комисијата за односот со верските заедници на Република Македонија, во периодот од 23 до 26 мај 1995 година престојуваше во Рим. Во составот на нашата делегација беше вклучен и бискупот Скопско-призренски д-р Јоаким Хербут.
Ова патување беше со цел поклонување пред моштите на сесловенскиот светител, просветител и учител свети Кирил Солунски и отслужување на Молебен пред неговиот гроб, а потоа и посети и средби со официјални личности во Ватикан.
И двете делегации (црковната и државната) за Рим отпатуваа на 23 мај во попладневните часови . Делегациите ги пречекаа: амбасадорот на Р. Македонија во Ватикан, д-р Димитар Мирчев, и двајца претставници на Ватикан. По пристигнувањето во Рим (околу 18 часот), дел од државната делегација и членовите на црковната делегација беа сместени во најрепрезентативниот хотел „Гранд хотел” во Рим .
Според програмата, истиот ден, на предвидената средба за 19:45 часот за посета на македонската амбасада во Рим, присуствуваше митрополитот Кирил и во таа прилика беа извршени консултации и со вршителот на должноста амбасадор на Р. Македонија во Р. Италија – г-дин Ристо Блажевски, како и нашиот амбасадор при Ватикан, г-дин Димитар Мирчев околу претстојните наши активности во Рим. Истиот ден, во 21 часот, митрополитот Кирил и бискупот д-р Јоаким Хербут присуствуваа на концертот на камерниот состав „ Гајдов” од Македонија, во салата „Балдини” во Рим.
Колосеунот во Рим
Средбата со папата Јован Павле II се одржа на платото пред ватиканската базилика „Свети Уфицио”, а пред општата аудиенција на плоштадот „Свети Петар”, откако претходно за еден час подоцна беше одложен молебенот над гробот и моштите на свети Кирил Солунски.
Имавме значаен разговор со папата, кој раздели подароци, а му беа подарени две книги од Институтот за старословенска книжевност „Словенски ракописи” и книгата за „Македонските икони” од д-р Коста Балабанов, во издание на издавачката куќа „Табернакул”. На крајот од средбата, папата го предаде своето писмо „Ориентале лумен” во повеќе примероци на англиски и на руски јазик.
Во 12 часот, во базиликата „Свети Климент папа Римски” беше отслужен молебенот над гробот и моштите на свети Кирил Солунски. Таму присуствуваа членовите на хорот „Русикум”, а по кратките консултации со диригентот отец Пихлер околу пеењето на молебенот, делегацијата се упати кон престолот на базиликата, односно Штросмајеровата капела на поклонение пред дел од моштите, а потоа со пеењето на тропарот на свети Кирил и Методиј, кон гробот.
Откако делегацијата на Република Македонија на чело со претседателот Киро Глигоров го положија венецот и се поклонија над гробот, на сите присутни им беа поделени восочни свеќи. На крајот од Молебенот, Неговото Блаженство ја произнесе свечената беседа.
Говорот, освен на македонски, беше преведен и на италијански јазик и им беше поделен на сите заинтересирани присутни. Самиот чин на Молебенот помина во совршен ред и тишина и пред голем број присутни.
Истиот ден, во 13:30 часот, претседателот на Р. Македонија, Киро Глигоров, приреди ручек (присуствуваа Архиепископот Михаил, митрополитот Кирил, Славе Николовски-Катин и протоѓаконот Александар Цандовски), а попладне во 18 часот беше посетена патничката агенција,Лалер – Виа А . Саландрија“, која приреди и вечера за гостите.
На 25 мај 1995 година, делегациите го посетија „Радио Ватикан” и директорот падре Фредерико Ломбарди. Присутни беа: Архиепископот Михаил, митрополитот Кирил, амбасадорот Мирчев, Славе Николовски- Катин и протоѓаконот А. Цандовски. На директроот Ломбарди му беше изразена благодарност во интервјуто на „Радио Ватикан”, што повеќепати во честитките на папата за Божиќ и Велигден, покрај другите јазици, поздравот беше упатуван и на македонски јазик.
Тој чин претставува голема радост за верниците на Македонија. Во разговорите беше потенцирано дека имаме многу добри односи со католичката заедница во Македонија, а посебно беше нагласено дека и во иднина ќе треба преку „Радио Ватикан” да се слуша за Македонската црква и црковниот живот.
Вечерта, во 18:30 часот, беше отворена изложба на теракотните икони од Виница. Присутните, најнапред, ги поздрави домаќинот на галеријата падре Карли, а потоа изложбата официјално ја отвори министерот за култура на Р. Македонија, Ештреф Алиу, а д-р Коста Балабанов одржа предавање за историјата на теракотните икони во Виничкото кале и нивното огромно значење, не само за македонската, туку и за светската археологија.
Архиепископ Охридски и Македонски Михаил
Слово за свети Кирил Солунски
Господине Претседателе на Република Македонија,
Ваши Екселенции,
Почитувани дами и господа,
Браќа и сестри и пријатели на македонскиот народ
и на Македонската православна црква,
Веќе е вообичаено нашата света Црква, на овој празничен ден, а во чест на светиот рамноапостол Кирил Солунски, да испраќа делегација во Рим. Собрани сме да му оддадеме најголема и најдостојна почит на својот апостол, кој е апостол и на сите словенски народи. Молитвено бараме од него помош и закрила за нашиот народ, за нашата суверена држава – Република Макеоднија и за нашата Светиклиментова мајка црква. Исто така, дојдени сме за да му се помолиме на нашиот голем светител да се застапува пред Бога што поскоро да зацари божјиот мир на Балканот, на европските простори и во целиот свет.
Ова е наше 27-мо молитвена поклонение пред светите мошти и пред гробот на овој голем апостол и молитвеник.
Светите браќа Кирил и Методиј, словенските апостоли и учители, основоположниците на сесловенското христијанство, се служеле, како со силно средство во своето големо мисионерско дело, со јазикот на македонските славени. Нашиот стародревен јазик е првиот книжевен словенски јазик. Светото писмо и богослужбените книги биле преведени најнапред на овој јазик и со нив се служеле сите новопокрстени словенски народи. Во тоа време, разликите меѓу словенските јазици биле сосема мали, така што тој јазик им бил потполно разбирлив на сите и затоа станал цврст темел за натамошната религиозна и културно- уметничка дејност на целото словенство.
Во овој миг на празнична радост, нашите мисли и нашите чувства не пренесуваат во далечниот деветти век и во тогашните прилики. Се восхитуваме од длабочината на вистинската христијанизираност на тогашните претставници на државната и црковната власт во Цариград. Тие од Бога вдахновени луѓе се раководеле многу повеќе со идеите и идеалите на Светото евангелие и на Светата црква, отколку што го прават денес оние што се сметаат за продолжители и закрилници на светата ортодоксија.
За нив биле суштествени пораките на светото евангелие и настојувале тие да навлезат длабоко во душите на Славените. Тие сакале секој словенски народ да образува своја црква за да го доближат христијанството до секоја народна душа. Сакале тоа огромно духовно богатство да не го присвојуваат само за себе, одречувајќи им го правото на другите народи и тие да ја култивираат својата национална самобитност и да ја збогатуваат својата црковна самостојност.
Мисионерското дело и неговите методи на светите браќа Кирил и Методиј не донеле трајни резултати меѓу западните Славени, но пренесените и применувни од нивните најдаровити ученици свети Климент и свети Наум, охридските чудотворци во Македонија, вродиле богати плодови. Без нив и без нивната дејност, возвишените намери на Цариградската црква би останала без резултати кај словенските народи.
Свети Климент Охридски е основател и организатор на нашата Света црква – на древната Охридска архиепископија. Тој не само што ги запазил основните идеи и идеали на своите учители, туку ги продлабочил и збогатил овие високи вредности. Познато е дека тој е основоположникот и на Охридскиот универзитет, каде, освен богословските науки, се предавале и сите други знаења во тоа време: од астрономијата, филозофијата, психологијата, медицината, архитектурата, сликарството, музиката, па дури и агрикултурата.
Врз тие основи и врз пораките на овие голмеи свети луѓе е втемелена и нашата древна и сегашна света Македонска православна црква. Ние ја чувствуваме нивната молитвена закрила и денес и ги продолжуваме нашите народни и црковни традиции. Минавме низ многу тешкотии, многу ропства, но, вдахновувани од нивните возвишени пораки, успеавме да се запазиме и како народ и како црква.
Денес имаме и наша суверена држава и наша автокефална црква. Продолжуваме со уште поголема интензивност да создаваме и нови вредности во согласност со ваквите идеали на македонскиот народ и на Македонската православна црква. Имаме наши богословски просветни институции – Богословија и Богословски факултет. Имаме наши новоизградени цркви и манастири во татковината и насекаде во светот, каде што живеат наши браќа и сестри Македонци. Во нив се црквуваат нашите духовни чеда од сите простори на Македонија.
Се наоѓаме пред почетокот на третиот милениум од хистијанската историја. Веруваме дека ќе навлеземе во еден нов период на живеење. Христијанската љубов ќе ни помогне да се подготвиме достојно и со мир и благосостојба да го дочекаме овој голем сехристијански јубилеј – двеилјадита годишнина од богоовоплотувањето на нашиот спасител Господ Исус Христос.
Свети Кириле, ти се молиме да ги исполниш нашите души со сепобедната Христијанска љубов.
Светителе оче Кириле, моли го Бога за нас!
Амин – така да биде!
Рим, 24 мај 1995 година.
На гробот на свети Кирил Солунски.
Од издавачката дејност:
Вангелија Десподова: Карпинско евангелие (со коавтори), Матица македонска, Скопје 1995.
Фиданка Танаскова и Славе Николовски-Катин: Поетски иселенички меридијани – Матица на иселениците од Македонија, Скопје, 1995, 1-122 (на македонски).
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН