ДЕЛ ОД ИНФОРМАТИВНИТЕ ГЛАСИЛА ВО АВСТРАЛИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ ПЕЧАТ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Во делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин е забележано дека македонските гласила во Сиднеј ги изразувале културните активности и животот во македонските етнички заедници и ги презентирале целокупните новинарски и општествено-политички активности во Австралија и во Македонија.
Развојниот пат на информативните гласила после Втората светска војна се совпаѓа со развојниот пат на македонските доселеници на петтиот континент. Во основа тоа се совпаѓало со развојот на настаните во земјите на Балканот, а уште повеќе зависело од текот на настаните околу Македонија.Затоа, медиумите на Македонците во Австралија, особено во Сиднеј се од посебен интерес и имаат повеќекратно значење. Нивната историја и развоен пат се бурни и многу интересни. Тие имале и имаат посебна важност и играле огромна улога во информативната дејност на Македонците во новата средина.
Таков е случајот со весникот „Македонски глас“ (Macedonian voice) (1957-1958) – Сиднеј. Имено, по престанувањето на првиот македонски весник „Македонска искра” во јануари 1957 година, во февруари истата година, како двоброј за февруари и март во Сиднеј се појави „Македонски глас“. Весникот излегуваше како двоброј, макар што беше најавено дека ќе излегува еднаш месечно. Во првата година се издадени пет броја и тоа покрај вториот април-мај, третиот за јуни-јули, четвртиот за август-септември, петиот за октомври-ноември. Во втората година е отпечатен шестиот број за декември-јануари, а по подолга пауза во јуни 1958 година е отпечатен последниот седми број.
Според публикацијата „Македонскиот иселенички печат“ весникот „Македонски глас“ се печати на среден формат (28,5×44,5 см.) со латиница. Само главата на весникот, односно клишето, е со кирилица, на кое стои дека е ова единствен македонско-австралиски комерцијален и социјален весник. Најголемиот број текстови се на македонски јазик, со употреба, или со големи примеси на леринскиот и костурско-птреспанскиот народен говор, а има текстови и на англиски јазик, што е придонес од лингистички аспект.
Бројот 2 за април и мај 1957 година е отпечатен на четири страници. На првата страница во текстот под наслов „Отворено писмо до целата македонска емиграција“, покрај другото, се вели: „Од името на Македонско-австралискиот народен сојуз и од името на новиот весник „Македоиски глас“, ние Македонците во неговата управа преку неговите страници сакаме да ја поздравиме целата емиграција во Австралија со желба за добро здравје. На Шестата конференција во јануари е донесено решение да престане да излегува весникот „Македонска искра“, а да започне да се печати „Македонски глас“, како нов весник. Тој не е приватен весник, туку е на целата македонска емиграција и треба да се знае дека ние сите не сме само добри Македонци, туку и добри Австралијци”.
Исто така, на првата страница е поместен пригоден текст за народната архитектура проследен со фотографии од манастирот „Свети Наум Охридски” во Охрид, а е дадено и поздравното писмо до колективот на весникот „Македонски глас“ испратено од истакнатиот иселеник Стојан Србинов.
Втората страница е резервирана за активностите на македонските доселеници во Австралија. Покрај другите текстови, заслужуваат внимание информациите за одржаните пикници во Аделајд на 1 јануари 1957 година на кој се собрале 550 души, потоа во Мелбурн во месноста Калорама што е одржан на 31 декември 1956 година, а на кој се собрале над 500 луѓе. И третата и четвртата страница се исполнети со голем број информации од животот и активностите во македонските колонии, а има и бројни други вести.
Третиот број за јуни и јули 1957 година е со ист формат како и вториот, а има 6 страници. Целиот е посветен на 45-годишнината од Илинденското востание. Притоа, на првата страница е поместен текст под наслов: „Гоце Делчев-бесмртен водач на македонското национално револуционерно движење”, што е просдеден со фотографии од Гоце Делчев, Мирка Гинова и Јане Сандански. Во: продолжение се дадени текстови за Крушевската република, за Илинденското востание во народните песни, како и бројни информации од македонските колонии ширум Австралија, меѓу кои и текстот за велосипедистот од македонско потекло, Алек Лазич, кој постигнал видни резултати во австралискиот спорт.
Шестиот број е отпечатен како двоброј за декември 1957 и за јануари 1958 година, на 4 страници и на ист формат како претходните броеви. На насловната страница е објавено дека Седмата конференција на Македонскиот народен согјуз во Австралија ќе се одржи на 4, 5 и 6 април 1958 година во Сиднеј. Во продолжение се поместени и бројни честитки по повод Новата 1958 година, текстови од севкупното живеење во македонските колонии, а се објавени и изводи од книгата на македонскиот писател Владо Малески „Младоста на Фросина“.
Бројот 7 од јуни 1958 година е последен отпечатен број на весникот „Македонски глас“. Тој е печатен на 4 страници, ист формат и ист квалитет на хартијата како предходните броеви. Во него е даден пригоден текст по повод завршувањето на 7-та конференција на МАНС со извештаи од повеќе членови, кои зборуваат за проблемите, значењето, перспективите, обврските и финансирањето на весникот, а е поместена и Резолуцијата. На Конференцијата е избрана и управа која имаше задача да го уредува весникот, чиј список е објавен во овој број. Тоа се: уредник Мик Веловски, секретар Џон Пизарков, благајник Коста Валами, редактор Горѓи Стојковски, а се одредени и осум дописници од разни градови ширум цела Австралија.
По згаснувањето на „Македонски глас“ во 1958 година во информативната дејност кај Македонците во Сиднеј, а и пошироко во Австралија настана голема празнина. Во тој период се отвори простор на бугарската пропагандна машинерија и преку членови на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС) ја продолжи својата активност преку издавање на весник.
Така, според делото “Македонскиот иселенички печат” на Славе Катин новиот весник е наречен „Единство“(Unity) (1965) – Сиднеј, чиј прв број излезе во септември 1965 година и е деклариран како општествен и економски весник. Главен и одговорен уредник е Васил Бошков, поранешен активист и некое време секретар на МАНС. За жал, неговата цел е преку весникот „Единство“ да ги стави под општ именител и Македонците и Бугарите, што наиде на силен отпор кај чесните Македонци кои осознаени преку МАНС можеа да разликуваат што е „братство, а што „побратимство“.
Првиот број на „Единство“ е отпечатен во Сиднеј во септември 1965 година на среден формат 31×43 см. на бугарско-македонски јазик со латиница, само насловот (клишето) е со кирилица. Во воведникот што е поместен на првата страница, меѓу декларативните изрази како „нашата емиграција“ од Македонија и Бугарија, „стариот роден крај“ и други, се вели: весникот „Единство“ ќе пишува за животот на нашите луѓе во Австралија, ќе се занимава со проблемите што ги интересираат, ќе помага за братските врски и дружење помеѓу нив. Во овој број се дадени материјали за Бугарија, како и поздравното писмо од Славјанскијот комитет во Софија.
Вториот број се појави во октомври 1965 година, во кој е објавена статија за Илинденското востание со некои стари „видувања“ и „вистини“. Исто така, поместен е текстот под наслов „11 Октомври — Денот на оруженото востание” во кој покрај друтото, се наведува дека 11 Октомври е симбол на вековните стремежи на македонскиот народ за слобода и е национален празник како во стариот крај, така и на Македонците во Австралија и во светот.
Третиот број од ноември 1965 година ја менува главата само по големина. Клишето на главата на весникот е помало и е со кирилица, а другите текстови се со латиница. На првата страница е поместен кус вовед во кој се вели дека весникот добива голем број писма покажувајќи жив интерес како нова културна просветна трибина. Потоа е поместен текстот за одржувањето на годишното собрание на организацијата „Весела Македонија” од Сиднеј и текстот по повод изборите на црковното раководство во Македонската православна црква „Св. Горѓи“ во Мелбурн.
Со пропаѓањето на „Единство“ во 1965 година, се направи уште еден обид да излезе весникот, но во нешто изменето име. Така, се појави под наслов „За единство-Unity“ (1966)- Сиднеј, во ноември 1966 година како бр. 3. Весникот кој повеќе личи на леток, се појави во Сиднеј и од него е отпечатен само еден примерок, на 4 страници, формат 20 х 31 см. Отпечатен е на англиски и на нечист македонски јазик, а и насловот (клишето) на весникот е на латиница.
На првата страница на англиски јазик е поместена статијата под наслов „Кој се Македонците? од иселеникот Стојан Србинов, објавена на 19 септември во весникот „Аустралиен“, кој истакнува дека Македонците се посебна нација на Балканот. Меѓутоа, во продолжение на првата и четвртата страница, исто така на англиски јазик Ило Малков, поранешен член на МАНС, за жал, спори со статијата на Србинов и укажува на некаков бугарскиот карактер на Македонија.
Во продолжение се поместени текстови посветени на војната во Виетнам и насилното земање на Австралијанци да одат на боиштето и за мирот во светот. Посебен простор е посветен на гостувањето на КУД „Светлост“ од Мелбурн во Сиднеј и Њукасл. Со тоа и згасна весник „Единство“.
Продолжува
Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ