Владата на денешната седница донесе Одлука за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти, како и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на пандемија.
Според Одлуката, кризната состојба ќе трае најмногу 30 дена, почнувајќи од 1 април 2021 година.
-Во врска со оваа Одлука Владата донесе заклучок да се информираат претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија и заклучи да му предложи на претседателот на Република Северна Македонија да донесе одлука за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справувањето со кризната состојба, соопшти владината прес-служба.
Владата воедно му препорача на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да почне со подготовка на акциски план за превенција и справување со ситуацијата на подрачјата на јужната и северната граница на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со кризната состојба.
Попладнево, Групата за процена на Владата, по одржаната седница, предложи да се донесе одлука за постоење кризна состојба на јужната и северната граница на државата заради заштита на јавното здравје од илегална миграција.