Шахпаска: Донацијата на инвалидски колички од турската Црвена полумесечина е потврда за пријателските односи со Турција

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска се сретна со генералниот директор на Црвената полумесечина на Турција, Ибрахим Алтан, по повод донација на инвалидски колички, слушни апарати и средства за хигиена од страна на оваа организација за нашата држава, наменета за лицата со попреченост како најранлива категорија на граѓани.

На средбата присуствуваа и заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, државниот секретар Ресми Ејупи и генералниот секретар на Црвениот крст на Северна Македонија, Саит Саити.

– Република Турција и Република Северна Македонија се  пријателски земји кои имаат  одлична соработка на многу полиња. За нас како ресорно Министерство, кое се грижи за најранливите категории на граѓани особено, е важна соработката со хуманитарните организации,  затоа што секоја помош и поддршка е добредојдена, рече министерката Шахпаска.

Таа ја посочи соработката со Црвениот крст на Македонија како најстара хуманитарна организација во нашата држава, особено значајна пред се во време на пандемија , но и генерално сите изминати години. Притоа особено ја потенцираше одличната соработка со турската Црвена полумесечина од која што произлезе и денешната донација од сто инвалидски колички,  25 слушни апарати и пакети со хигиенски средства.

– Турската Црвена полумесечина и Црвениот крст на Северна Македонија припаѓаат во големото црвено семејство, каде што членуваат околу 110 организации, браќа,  кои несебично си помагаат, рече Алтан.

Тој ја истакна  одличната соработка со Црвениот крст на Северна Македонија и изрази уверување за нејзино продлабочување во иднина.

Заменик министерот Енвер Хусејин информираше дека со донацијата ќе бидат опфатени неколку општини меѓу кои, Радовиш, Струмица, Гевгелија, Робово и дел од Скопје. Тој ја истакна важноста на соработката меѓу двете хуманитарни организации како особено значајна, за што потврдува и оваа донација која ќе одговори на потребите на дел од граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории.

Соговорниците на денешната средба изразија задоволство од досегашаната соработка и убедување дека таа ќе продолжи и понатаму, со цел испорака на помош и поддршка на сите на кои им е неопходна,  со посебен акцент на ранливите категории на граѓани.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *