Извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права во Северна Македонија во 2020 година

Уставот на Северна Македонија предвидува слобода на изразување, вклучително и на медиумите, право кое Владата генерално го почитуваше. Извештајот на Фридом Хаус за слободата во светот во 2020, објавен на 4 март, забележа подобрување на оценката од два на три, од максималните четири поени, „затоа што притисокот врз новинарите е намален во последните години“, а Годишниот светски индекс на слобода на печатот на Репортери без граници на 21 април забележа „мало подобрување“ на слободата на медиумите во земјата.

Ова се посочува во Годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за почитување на човековите права во 2020 година, во делот кој се однесува за Република Северна Македонија.

– Република Северна Македонија е парламентарна демократија. Претседателот, избран на непосредни избори, е шеф на државата и врховен командант на вооружените сили. Еднодомниот парламент врши законодавна власт. Претседателските избори последен пат се одржаа во мај 2019 година, а на нив победи сегашниот претседател Стево Пендаровски. Парламентарните избори се одржаа во јули по тримесечно доцнење поради пандемијата КОВИД-19. На 3 јануари, премиерот Зоран Заев поднесе оставка, а привремената влада, предводена од привремениот премиер Оливер Спасовски и составена од министри од целиот политички спектар, ја презеде функцијата 100 дена пред закажаните избори, се наведува во воведниот дела на Извештајот.

Стејт департментот во документот потестува дека на 16 февруари, претседателот на Парламентот го распушти законодавниот дом и распиша избори за 12 април, но поради појавата на КОВИД-19 и вонредната состојба, привремената Влада ги одложи изборите од 12 април на 15 јули и остана на функцијата до 30 август, кога положи заклетвата новата влада, повторно предводена од премиерот Зоран Заев.

– Во изештајот за првичните наоди и заклучоците од 16 јули за парламентарните избори и Конечниот извештај на 2 октомври, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ/ОДИХР) наведува дека изборите биле „генерално спроведени ефикасно при прилагодувања како одговор на пандемијата КОВИД-19, но законската стабилност беше нарушена со значителни измени на Изборниот законик и ад хок регулативите донесени за време на вонредна состојба“. Извештајот ги карактеризира изборите како „вистински конкурентни“ и покрај ограничената способност на политичарите да спроведуваат активности за време на пандемијата. Денот на изборите мина без проблеми, се наведува во Извештајот на Стејт департментот.

Во текстот натаму се посочува дека полицијата ја одржува внатрешната безбедност, вклучително и контролата на миграцијата и на границите и поднесува извештаи до Министерството за внатрешни работи. – Цивилните власти одржуваа ефективна контрола врз безбедносните сили. Припадниците на безбедносните сили извршија некои злоупотреби, вклучително и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари, се посочува во документот.

– Позначајни повреди на човековите права вклучуваа насилство и закани за насилство врз новинари, корупција на високо ниво и случаи на насилство и закани за насилство врз припадници на ЛГБТИ заедница. Владата презеде чекори за идентификување, истрага, гонење и казнување на службеници кои извршиле злоупотреби. Народниот правобранител смета дека полициската неказнивост и понатаму претставува проблем, се додава во извештајот.

Во делот за слободата на медимите во извештајот се посочува дека според Репортери без граници „културата на неказнивост е добро вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите“, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.

– Законот забранува говор што поттикнува национална, верска или етничка омраза и предвидува казни за повреди. Поединци може да ја критикуваат владата јавно или приватно. Хелсиншкиот комитет за човекови права и други активисти за слобода на медиумите за човекови права и медиуми објавија зголемување на говорот на омраза, особено по меѓуетничка линија и во врска со кризата со Ковид-19. На 8 јуни, Комитетот издаде соопштение за јавноста во кое ги повикува јавните личности да се воздржат од говор што го загрозува го меѓуетничкиот соживот и наместо тоа да се фокусираат на зголемената усогласеност со мерките за ублажување на ковид-кризата, се додава во Извештајот.

Стејт департментот посочува дека иако медиумските известувања главно се поделени по политички линии, бројот на независни медиуми кои „активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува“.

– Рекламирањето на централната власт на комерцијалните медиуми е забрането, но рекламирањето на локалната самоуправа е дозволено. Државата продолжи да ги субвенционира печатените медиуми. Буџетски средства беа доделени на медиуми за да се ублажи влијанието на Ковид-19, се потенцира во Извештајот.

Во тексотот се посочува дека во прелиминарниот извештај на Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР се оценува дека „новинските извештаи на сите национални радиодифузери обезбедиле покривање на активностите на кампањата, но во голема мерка отсуствувало „длабинско аналитичко известување или дискусии, ограничувајќи ја можноста за гласачите да се направи информиран избор помеѓу различни политички алтернативи“.

Во делот од Извештајот посветен на судството, Стејт Департментот нотира дека Владата демонстрираше поголема почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години.

– Според извештајот на Европската комисија земјата воспостави механизми за да се обезбеди судска независност и отчетност, вклучително и креирање правила за проверка на имотот и судир на интереси и утврдување дисциплински постапки. Извештајот на ЕК на 2 март исто така забележа позитивен случувања, вклучително и усвојување на нов закон за ОЈО и подобрувања во евиденцијата на земјата во борбата против корупцијата и организираниот криминал, исто така забележувајќи дека судството останува недоволно финансирано, подложно на политичко влијание и слабо верувана во јавноста, се додава во документот.

Во извештајот се посочува дека се подобрени условите во сите затвори, вклучително и комплетната реконструкција на битолскиот затвор, како и изградба на Поправниот дом за малолетни лица Волковија во Тетово и судница во затворот Идризово.

– Властите отворија нова здравствена установа во затворот Идризово со двајца лекари, три медицински сестри, еден стоматолог и еден стоматолошки техничар. И покрај ова, пристапот до задоволителна здравствена заштита остана проблем. Членовите на персоналот во Казнено-поправните и воспитно-поправните институции беа обучени за новиот Кодекс на однесување на затворскиот персонал, заснован на Европскиот етички кодекс за затворскиот персонал. Појавата на КОВИД-19 спречи редовна обука на персоналот, се додава во Извештајот.

Стејте департментот во докуметот го цитира и извештајот на Европската комисија од 6 октомври во кој се посочува дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво.

– Судскиот совет, пак, доби 283 жалби за погрешно судско постапување, а одвоено Судскиот совет примил 60 формални барања за отстранување или дисциплинска постапка против судии, се додава во Извештајот.

Во делот за работничките права се посочува дека Законот предвидува право на работниците да формираат и да се приклучуваат на независни синдикати, колективно да се договараат и да организираат штрајкови и се забранува дискриминација на синдикалните претставници и се предвидува враќање на работниците отпуштени заради синдикална активност.

Сепак, според Стејт департментот, претставниците на синдикати, со исклучок на неколку грански синдикати, тврделе дека „генерално не биле ослободени од влијанието на владините претставници, политичките партии и работодавачите“.

Во извештајот се посочува дека работодавачите не секогаш ја почитувале слободата на синдикално здружување, правото на штрајк и правото на колективно договарање, но дека во текот на годината, Министерството за труд не добило поплаки во врска со повреда на правото на синдикална организација и слобода на здружување.

– Работниците често стравуваат од одмазда и се воздржуваа од поднесување жалби директно до Министерството за труд, се додава во Извештајот на Стејт департментот.

Во делот на борбата против корпуцијата се наведува дека законот предвидува казни за корупција од страна на службени лица и дека Владата генерално го спроведуваше законот, иако постојат извештаи за коруптивни активности на државни службеници.

– Невладините организации сметаат дека доминантната улога на државата во економијата создава можности за корупција. Државата е најголем работодавец во земјата. Според Министерството за информатичко општество и администрација, заклучно со 31 декември 2019 година, имало 132.900 лица вработени во јавниот сектор, се додава во извештајот на Стејт департментот.