Законските измени за набавка на опрема за отпечатоци од прсти е готова и може да биде на првата собраниска седница, изјави Маричиќ

Текстот со кој се допрецизираат сите неопходни елементи за да може да се набави опремата за отпечаток на прст и таа да се стави во функција се договорени и утврдени со Државната изборна комисија и уште вчера беше во Собранието, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање за терминалите за отпечаток на прст за локалните избори.

Единствено што се дополнува на таа измена, нагласи Маричиќ, е менување на перидот за одржување на локалните избори од прва во втора половина на месец октомври оваа година.

– Тој текст на овие измени е целосно подготвен и може да биде веднаш на првата наредна седница, зависно од агендата на Собранието. За тоа ќе одлучи претседателот на Собранието, во координација со пратеничките групи, изјави Маричиќ.

Одредба со која се утврдува дека од наредните избори ќе се спроведува методот за идентификација на гласачите преку отпечаток на прст, посочи Маричиќ има уште со претходната измена на Изборниот законик, но таа не е доволна за операционализирање на процесот.

– За спроведење на определбата за отпечаток на прст, ние во изминатиот период во рамки на работната група во Министерството за правда и во тесна соработка со Државната изборна комисија формулиравме конкретни измени, кои практично ги допрецизираат сите неопходно елементи за да може да се набави опремата за отпечаток на прст и таа да се стави во функција и притоа да имаме, детално образложена постапка како ќе се употребува на денот на гласањето, каков статус ќе има и во кои ситуации ќе може да биде заменета, изјави Маричиќ.

Постојат елементи, нагласи министерот Маричиќ, што ДИК во соработка со МВР ќе треба во понатамошна фаза да ги дефинира, како што е споредбата на отпечатоците на прстите со базата на податоци, која се наоѓа исклучиво во посед на МВР.

– Постојат и други измени на Изборниот закони, кои што, ќе следуваат, а кои се однесуваат на препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Работната група за Изборен законик во МП работеше интензивно и на тоа во изминатиот период. Ги има лоцирани и добро разработено сите препораки и она што останува, врз база на работата на оваа група, партиите да ги погледант предлозите и да донесат одлука во која форма тие ќе бидат имплементирани во Изборниот законик, рече Маричич.

Постои и трето ниво на дискусија за изборниот модел за локални и парламентарни избори, вклучително и отворените листи, што според Маричиќ, се уште не е започнато и би требало таа дискусија да следи во скоро време по завршување на разгледувањето на препораките од ОБСЕ/ОДИХР.