Договорот за соработка со Француската агенција за развој, значи дополнителна поддршка во достигнувањето на европските стандарди во нашата земја и истовремено претставува силен сигнал за зајакнување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција.
Ова, како што соопшти владината прес служба, го истакна премиерот Зоран Заев изразувајќи задоволство за од неодамна потпишаниот договор на средбата денеска со делегација на Француската агенција за развој предводена од регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, придружуван од амбасадорот на Република Франција во нашата земја Сирил Бомгартнер.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, премиерот Заев, се посочува, го оцени како исклучително значајно нагласеното внимание на Франција кон земјите од Западен Балкан во последните неколку години, како и стратегијата на Париз за поддршка на развојот и за евроинтеграциските процеси на земјите од регионот.
Амбасадорот на Република Франција Сирил Бомгартнер и во оваа прилика, се наведува, го повтори нагласениот интерес на Франција за регионот и додаде дека токму затоа од оваа година е зајакнато присуството на Француската агенција за развој на Западен Балкан и посебно во Република Северна Македонија.
Регионалниот директор за Западен Балкан на Француската агенција за развој Доминик Отберг од своја страна нагласи дека Франција и Агенцијата имаат нагласен интерес да учествуваат во повеќе проекти во Северна Македонија, со посебна нагласка, како што се наведува, на енергетиката, јавното здравство, образованието, урбаниот развој, земјоделството, животната средина и транспортната инфраструктура.
Француската агенција за развој, информираше регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, има годишен буџет од 14 милијарди евра, и работи на 4.000 проекти во 115 земји во светот.