Димитров: Одлагањето на преговорите за членство со С Македонија создава проблем со кредибилитетот на ЕУ

Одлагањето на почетокот на преговорите за членство со Северна Македонија создава проблем со кредибилитетот на Европската Унија и тоа се рефлектира не само на нашиот случај, туку и врз целиот регион, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров во обраќањето на конференцијата на тема „Како да се врати проширувањето на ЕУ на вистинскиот пат? Приоретизирање на владеењето на правото и реформите во правосудството“.

Како што соопшти денеска Секретаријатот за европски прашања, конференцијата, која се одржа на покана на повеќе тенк-тинк организации од регионот и ЕУ за означување на почетокот на тригодишниот проект „Западен Балкан кон ЕУ/WB2EU“, беше можност за актуелизирање на предизвиците на македонските европски интеграции.

Во тој контекст вицепремиерот Димитров посочи дека oваа година одбележуваме две декади, односно 20 години од склучувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу земјава и ЕУ и 16 години откако Северна Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во Унијата.

– Чекавме бидејќи имавме спор со нашите соседи од Атина, па го решивме. Па потоа имаше проблем со вербата во самиот процес на пристапување, па моравме да чекаме за новата методологија. Па ги следевме зборовите на Советот од јуни 2018 – патот ќе биде трасиран во јуни 2019 година. Па потоа во јуни 2019 беше кажано дека ќе се вратиме на ова прашање во октомври 2019 година – за конечно во март минатата година – на почетокот на оваа ужасна пандемија со КОВИД-19, да добиеме зелено светло, но овојпат ЕУ не може да ја исполни сопствената одлука, иако во нашиот случај таа беше безусловна. Очигледно постои проблем со кредибилитетот на Европската Унија и мислам дека ова се рефлектира не само на нашиот случај, туку врз целиот регион, изјави Димитров.

Вицепремиерот за веропски прашање во обраќањето го отвори и прашањето со политизирањето на билатералните проблеми низ преговарачкиот процес.

Киднапирање на процесот со билатерални прашања ја поткопува политиката на условеност што е основен предуслов за успех на процесот на пристапување – испорачување резултати од двете страни. Особено кога овие билатерални прашања се против темелните принципи и вредности како што е јазичната и културната различност на континентот – значи, нашиот проблем не е територијален спор, не е прашање на затворање на нуклеарна централа, туку нашето право на самоопределување: Јас сум Македонец и јас не би требало да бирам помеѓу тоа да бидам Македонец кој зборува македонски јазик и да станам Европеец во смисла на дел од Европска Унија, нагласи Димиторв.

Вицепремиерот ја искористи можноста и за да порача дека Северна Македонија сепак нема да биде фокусирана само на отстранување на пречките, туку ќе остане посветена на реформите од првиот кластер – темели преку планот Агенда: Европа дома, што всушност ги опфаќа приоритетните барања на самите граѓани.

На конференцијата меѓу другите, покрај Димитров, учествуваа и потпретседателката на Европскиот парламент Катарина Барли и австриската министерка за европски прашања Каролина Едштадлер, се додава во соопштението на СЕП.