Амандмани за провокативно однесување на властите во Софија поднесени кон Извештајот за земјава, бугарските европратеници нема да ги поддржат

Европскиот парламент (ЕП) утре и задутре треба да гласа за годишниот извештај за Република Северна Македонија, кон кој групите на Зелените и Социјалистите во ЕП доставија предлози за измени и дополнувања на Извештајот, кои се однесуваат на непримерно и провокативно однесување на бугарските власти.

Во амандманите, како што јави БГНЕС, претставници на бугарската влада се обвинети за „провокативни изјави за историски прашања“ кои ја засегаат Северна Македонија и ги повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија.

Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите предложени од социјалистите и зелените во Извештајот за напредокот на Северна Македонија, кои содржат квалификации неприфатливи за Бугарија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, иако се само од консултативна природа, извештаите за напредокот на ЕП за земјите кандидати ги одразуваат чувствата на различните политички сили во Европскиот Парламент.

Бугарскиот европратеник од Европската народна партија, Андреј Ковачев оценува дека амандманите на Социјалистите и Зелените се неправедни и неизбалансиран и не одговараат на реалноста. Се надева дека нема да бидат изгласани и оти ќе бидат укинати за време на самото гласање.

-Европската народна партија во знак на солидарност ја поддржа Бугарија. Поднесовме два амандмана во име на ЕПП, кои се поврзани со одлуката на ЕП дека претходните препораки за недискриминација на луѓе кои отворено изјаснуваат дека се со бугарски припадност или потекло, не се имплементирани и сè уште е проблем да се каже дека имаат нешто заедничко со Бугарија. Ова е сериозен проблем и доведува до навреди, дискриминација во општеството и на работното место. Овие се реалности што постојат и ЕП мора да ги потврди во оваа резолуција, вели Ковачев.

Вториот амандман додава, меѓу другото, инсистира на историско помирување засновано врз нашата заедничка бугарска историја, како што е запишано во Договорот за пријателство и добрососедство. -Ги повикувам не само бугарските претставници, туку и сите колеги во ЕП да одржат многу разговори со известувачите, да бидат објективни и да не се базираат само на информации што доаѓаат од владините кругови во РС Македонија, да бидат засновани врз сите извори што покажуваат дека постои сериозен демократски проблем поврзан со дискриминацијата на луѓето кои го декларираат својот бугарски идентитет, вели Ковачев.

Европратеникот Ангел Џамбаски од групата на европски конзервативци и реформисти вели „во последен момент, буквално, беа направени скандалозни корекции од страна на Зелените и Социјалистите, а уште поскандалозно е претседател на Партијата на европските социјалисти, Сергеј Станишев, кој е бугарски претставник во ЕП.

-Оваа партија го предлага скандалозниот амандман: „ЕП треба да се спротивстави на некои владини водачи и функционери во Софија“. Ова се однесува на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој е историчар и претседател на ВМРО. Тој води апсолутно бескомпромисна битка против историските фалсификати што ги шират скопските фалсификатори. Убеден сум дека овој амандман беше спонзориран на некој начин. Ова е дел од скопското лобирање, кое не штеди на напори и ресурси. Не можам да разберам зошто моите бугарски колеги европратеници не заземаат став на оваа тема, вели меѓу другото Џамбаски.

Според него, овој амандман и ваквото однесување на ЕП по линија на Социјалистите и Зелените, кои во Бугарија се претставени од БСП и „Демократска Бугарија“, е во спротивност со бугарскиот национален интерес. -Се прашувам како нивните претставници имаат очи да одат на гласање и да зборуваат за политика воопшто, прашува Џамбаски.

Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во ЕП, Илхан Кучук, кој доаѓа од Алијанса на либерали и демократи за Европа изјави: „Јас секогаш ги правев вистинските работи за Бугарија и ќе биде така до крајот. Ќе го видите моето однесување во Европскиот Парламент. Спротивставувањето се искажува со зборување на пленарна седница, гласање и со работа со текот на годините, вели Ќучук.