Шекеринска во Љубљана: Словенија со своите совети ни го покажа патот кон НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во еднодневна официјалната посета на Република Словенија каде беше пречекана со највисоки почести од страна на нејзиниот домаќин, словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин.

Двајцата министри, соопштија од МО, имале тет-а-тет средба која потоа продолжила со средба на двете делегации, на која станало збор за билатералната соработка во одбраната по членството на нашата земја во НАТО и регионалните иницијативи во безбедноста.

Двајцата министри во дадените изјави за медиумите  искажале меѓусебна поддршка и ги истакнале плановите за идна соработка.

– Одличните односи меѓу Словенија и Северна Македонија се пренесоа и во одбраната. Договорот за 2021 веќе го потпишавме и предвидовме активности кои ветуваат динамична соработка пред се во обуки и тренинзи, вежби, но и во развивањето на нашите НАТО капацитети, што е за нас од голема важност, рекла Шекеринска, се наведува во соопштението од МО.

Таа се заблагодарила на континуираната поддршка од Словенија и изразила очекување дека поддршката за почеток на преговори на нашата земја со ЕУ ќе биде еднакво гласна како што беше и за НАТО.

– За неколку денови Канцеларијата на НАТО во Скопје која долг период беше под управувачка палка и менторство на Словенија, ќе ни салутира за последен пат со порака дека мисијата е успешно завршена бидејќи Република Северна Македонија стана членка на НАТО, истакнала Шекеринска.

Меѓу другото Шекеринска посочила дека двете земји оваа година прославуваат 30. години независност и притоа упатила честитка да словенечките граѓани и до министерот Тонин по тој повод.

За словенечкиот министер за одбрана Тонин денешната средба била успешна и резултирала со заклучок за заедничко одржување на борбените возила и заеднички настап во НАТО мисии.

Министерот за одбрана на Словенија ја истакнал, како што рекол, храброста на Владата при постигнувањето компромис со Грција и влезот во НАТО. Тој нагласил дека Северна Македонија заслужува да почне преговори со ЕУ и посочил дека словенечкото претседателство со Унијата јасно ќе го истакне тој став.

Македонската делегација во Словенија го посетила и Националниот центар за кризен менаџмент при што се запознала со неговата улога и функционирање за време на криза.

Во попладневниот дел од посетатата, како што е најавено од МО, Шекеринска ќе има средба со претседателот на Словенија Борут Пахор и со собраниската Комисија за одбрана, а ќе го посети и НАТО центарот за планинско војување.