Премиерот Зоран Заев денеска ја продолжува посетата на Луксембург, каде според најавите ќе има средба со неговиот колега Ксавиер Бетел.
На првиот ден од посетата, Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, вчера се сретнаа со шефот на дипломатијата на Луксембург Жан Аселборн, од кого добија безрезервна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија.
Заев и Бесими имаа и работен состанок со претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.
ЕИБ, како што изјави Заев по средбата, подготвува пакет за финансиска поддршка во пост-ковид периодот за рестарт на економијата и враќање на развојот од пред кризата. Од ЕИБ, според владината прес-служба, се најавени нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во текот на годинава.
На средбата е нагласено дека Европската инвестициска банка е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со нашата Влада и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел.
Потенцирана е поддршката за спроведување на двата клучни проекти во моментов во Северна Македонија за кои земјата аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан – Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.