МРТ и БНТ потпишаа Меморандум за разбирање со којшто ќе се разменуваат програми

Јавните сервиси Македонската радио телевизија и Бугарската национална телевизија потпишаа меморандум за разбирање, со којшто на реципрочен начин ќе разменуваат вести, детски, музички, забавни, културни и образовни програми, а чија цел е да се развиваат пријателски односи и заемно корисна билатерална соработка.

Директорите на јавните сервиси на двете земји велат дека целта е да се развијат пријателски односи и заемно корисна билатерална соработка.

-Ќе продолжиме да правиме размена на програми од областа на туризмот, културата, образованието, музиката, на дневни информации и на вести. Ние, наскоро сакаме да отвориме и дописништво во Софија, се надевам дека и БНТ ќе отвори дописништво во Скопје, во Македонија, така што на еден заеднички начин да успееме да ги доближиме телевизиите што е можно поблиску, изјави директорот на МРТ, Марјан Цветковски.

Директорот на Бугарската национална телевизија Емил Кошлуков изрази надеж дека двете телевизии поактивно ќе работат со цел двата народа подобро да се запознаат.

-Ова е договор со Македонската јавна телевизија, со кој се надеваме дека ќе започнеме да работиме поактивно, да размениме содржини меѓу нашите две телевизии. И додека политичарите се занимаваат со политика, историчарите со историјата, ние правиме телевизија. Можеме да прикажеме убави извештаи за Македонија, за Охрид, има толку убави места, и тие можат да гледаат репортажи за бугарски места. Може да има македонска музика и фолклор, можеме да им ги дадеме нашите за да можат двата народа да се запознаат и слушнат. Мислам дека ова е патот, нагласи директорот на БНТ, Кошлуков.

Со потпишувањето на меморандумот со БНТ, Македонската телевизија ја продолжува соработката со јавните сервиси од регионот.