Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква

Суштински ми е важно да се надмине расколот со Македонската црква. Оваа тема останува отворена и верувам дека ќе се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без мешање на политиката, изјави новиот патријарх на СПЦ Порфириј во интервју за РТС.

Прашан за изјавата на митрополитот Преспанско-пелагониски Петар дадена неодамна за МИА дека очекува новиот српски патријарх да покаже повеќе разбирање за да биде решен статусот и МПЦ-ОА да добие автокефалност, Порфириј одговори дека „нема да има ни помалку ни повеќе разбирање од неговите претходници”, цитирајќи латинска поговорка: „нема да биде нова ствар, но може да биде нов начин”.

– Секој од нас остава свој сопствен печат. Секако дека суштински ми е важно да се надмине расколот со Македонската црква. Нашата црква по Нишкиот договор најде решение за охридски архиепископ да го постави Јован, и сите православни верници имаат можност за учество во литургиски живот, но таа тема останува отворена. Верувам дека нашиот собор секогаш ќе биде спремен да се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без какви било политички притисоци кои уште од самиот почеток на расколот, а и денес за тоа прашање ги има, изјави патријархот Порфириј.

За случувањата околу црквата во Украина, рече дека нема притисоци ниту од Цариград ниту од Москва, но оти СПЦ е на страната на Руската црква.

– Ние сме автокефална црква со свој поредок. Сите православни цркви се наши сестри. Ние сме секогаш на страната на каноните и црковниот поредок. Сметаме дека постапките на Цариградската патријаршија во однос на Украина, не се во согласност со преданијата на црквата и во таа смисла можеме да кажеме дека сме на страната на Руската црква. Ние сме на страната на поредокот и каноните и тука Руската црква е обесправена, истакна Порфириј.

За тоа дали по примерот на украинската, може да се очекува автокефалност да добијат и други цркви – македонската, црногорската…, Порфириј вели дека не е пророк за да каже што ќе се случи, но се надева дека ќе нема слични постапки како во Украина, зашто тие предизвикале големи потреси во односите меѓу помесните цркви и оти тоа ќе биде лекција што ќе ги отрезни сите.

– Се разбира кога ќе се појават проблеми, мора да се разговара и да се остави на времето, не наше, туку на времето Божје да се воспостави поредокот, изјави новиот патријарх на СПЦ Порфириј.