Бочварски: Сакаме поширока дискусија за носење на новиот закон за легализација на дивоградбите

Во тек се разговори со политичките партии и пратениците за новиот закон за легализација на бесправно изградените објекти во земјава. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вели дека разговорите се во почетна фаза и очекува партиите и опозицијата да дадат свои предлози. Новиот закон за легализација на дивоградбите е доставен во Парламентот на Република Северна Македонија од поодамна.

-Мое мислење е дека во однос на овој Закон треба да отвориме широка јавна расправа и  дебата, но и со сите политички партии во Парламентот, да дискутираме можеби на подобрување на законскиот текст и подобро би било ако овој закон се донесе со поширок консензус, со поголема поддршка во собранието. Така што разговараме и очекуваме да ги слушнеме сите, предлозите на опозициските партии, на партиите во владејачкото мнозинство и потоа ќе носиме одлуки, вели Бочварски.

Тој истакна дека овој Закон го бараат и општините, а со него ќе се решат низа проблеми со инфраструктурни проекти, кои во моментов не можат да имаат и да добијат имотен лист од Катастарот и да се стават во правна рамка, бидејќи на општините и на институциите им недостасуваат одредена документација, која пред неколку децении согласно тогашните закони не била потребна при изградбата.

-Државата со овој Закон може да реши големи национални проекти, во однос на ставање во функција на впишување во Катастер на големи проекти од инасталациски мрежи, водоводи, канализации, гасоводи, далноводи. Во однос на објекти, коишто биле изградени во минатото, а дел од документацијата недостасува, за да можат да влезат во одредени идни постапки. Можеби со преструктуирање на одредени компании, каде што е потребно да се упише и да се види кој е имото на компанијата. Така што, има многу прашања, којшто покрива овој Закон. Затоа и сакаме да биде со поширока дискусија, вели Бочварски.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев појаснува зошто е потребен овој закон за да селските водоводи и канализации во неговата општина, но и патот меѓу селата Таринци и  Долни Балван добијат имотен лист, односно се впишат во Катастар.

– Кај нас, како општина се соочуваме и со инфраструктурни објекти, коишто се како патишта, водоснабдителни системи, канализациони системи, кои во минатото биле градени без соодветни дозволи и одобренија за градба и коишто во овој момент имаат третман на дивоградби. Значи од насушна потреба е донесувањето на овој Закон, посебно за локалната самоуправа, доколку сакаме да користиме средства за реконструкција, за обнова, за рехабилитација, вели Насев.

Посочува дека две години Општина Карбинци има обезбедено средства преку Светска банка за реконструкција на патот меѓу селата Таринци и Долни Балван, но не можат да се искористат, бидејќи овој пат не е впишан во Катастарот и се појавува како земјоделско земјиште, а низ него граѓаните поминуваат повеќе од половина век.

-Таков е случајот со овој пат, кој поврзува два регионални патишта, тоа е патот село Таринци село Долни Балван, во должина од два километра. Повеќе од две години настојуваме овој патен правец да го реконструираме. Средствата се обезбедени од Светска банка преку Министерството за транспорт и врски, но за жал овој патен правец не е впишан во Катастерот, односно нема катастарска парцела, како јавен пат, а за да го направиме тоа мора да направиме посебни проекти, да го впишиме и сето тоа одзема многу време и пари, а за целиот овој период граѓаните трпат, вели Насев.

Во моментов во Општина Карбинци евидентирани се околу 400 дивоградби, кои се изградени од страна на граѓаните. Општината со 15 вработени нема градежен инспектор, затоа и бара помош и меѓурегионална соработка од соседните општини.