Американска донација од 1269 автоматски пушки М-4, во вредност од 1,2 милион американски долари, денеска и беше предадена на нашата Армија, за поддршка на развојот на лесната пешадиска баталјонска група.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која ја прими донацијата од амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз во касарната во Ѓорче Петров, истакна дека станува збор за дел од поголем проект што го финансира владата на САД која ја помага модернизација и опремувањето на нашите армиски сили.
-Со овој дел опрема, обезбедуваме над 1200 М-4 автоматски пушки, со калибар 5.56, кој е стандард на земјите членки на НАТО и ја продолжува нашата конверзија од стариот во новиот стандард. Со оваа опрема дополнително, освен специјалните сили, коишто и досега добија пушки од овој тип, ќе обезбв целосно опремување на нашата лесна пешадија, која не е само македонска единица, туку е веќе и НАТО-единица и која ја подготвуваме за првото НАТО-оценување во 2022 година, рече Шекеринска, посочувајќи дека ова е дел од опремата што ја добиваме, а вкупниот број на вакви автоматски пушки е над две илјади, дополнително со обзбедена заштитна опрема за војниците.
Нагласи дека оваа донација покажува колку е широка и сериозна одбранбената соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, посочувајќи дека во период од само една недела, заедно биле присутни на заедничките инвестиции во армискиот полигон Криволак, а оваа недела е потпишан и новиот Меморандум за разбирање во делот на одбранбената соработка.