Продолжуваат разговорите за изнаоѓање заедничко решение, но ултиматуми не се прифатливи, дециден е министерот за економија Крешник Бектеши во врска со протестите на угостителите, организаторите на свадби и музичарите.
Според Бектеши, овие сектори беа вклучени во речиси сите досегашни економски мерки, а нивното клучно барање се однесува на измената на протоколите кои ги донесува Комисијата за заразни болести чии, пак, одлуки Владата ги почитува.
Бектеши во емисијата „Уметноста на финансиите“ на Телевизија Клан, потенцира дека главната цел на сите економски мерки е да се зачуваат работните места, особено тие во приватниот сектор, но истовремено и да се помогнат компаниите во однос на ликвидноста. Министерот верува дека ова е постигнато и порачува дека мерките за поддршка ќе продолжат доколку продолжи и кризата.
Воедно ја повика опозицијата да не ги блокира законите кои се во интерес на бизнисот.
-Продолжуваат преговорите за изнаоѓање решение кое ќе биде прифатливо за сите страни. Важно е да се истакне тоа дека токму клучното барање на тие што протестираат се однесува на измената на протоколите кои ги донесува Комисијата за заразни болести, која е стручна комисија и ние како Влада постојано сме ги почитувале нивните предлози. Ние ќе ги продолжиме со разговорите, да изнајдеме заедничко решение, но како што кажав и претходно, ултиматумите се неприфатливи за Министерството за економија и за Владата. Нивно право е да протестираат но, наша обврска е мерките да ги дизајнираме заеднички со стопанските комори, истакна Бектеши.
Не е вистина, додаде, дека овие сектори не биле вклучени во претходните пакети, но и во петтиот сет економски мерки.
-Ако земеме предвид дека токму преку четвртиот пакет мерки рестораните за организирање свадби добија директни грантови, а врз основа на нашит, а грантови добиле 125 угостителски објекти, што значи дека секоја компанија која се занимава со оваа дејност во просек добила грантови во износ од 8 илјади и 200 евра. Сите угостителски објекти кои на почетокот на пандемијата не беа регистрирани или категоризирани врз основа на Законот за угостителство во рамките на Министерството за економија, а во меѓувреме ја имаа можноста да ги категоризираат нивните објекти и да добијат помош. Од 16 економски субјекти кои се занимаваат со организирање свадби, успеавме до крајот на годината да имаме околу 125 категоризирани угостителски објекти, напомена Бектеши.
Тој изрази уверување дека ќе има намалување на невработеноста зашто има тенденција на раст на приходите од персонален данок, како и на приходите од ДДВ, а тоа значи, рече, зголемување на економската активност во земјата.
-Бизнисите самите можат да одлучат кои мерки ќе ги искористат посебно од Петтиот пакет на економски мерки. Компаниите кои имаат капацитет за да инвестираат во текот на 2021 година може да се одлучат да ја користат мерката за бескаматни кредити кредит со грант компонента, а оние компании што нема да ја имаат таква можност ќе може да ја користат мерката за финансиска поддршка за исплата на плати, нагласи министерот Бектеши.