Платформа за родова еднаквост: ОЈО итно да го расчисти случајот „Јавна соба“

 Кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“, обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот, се дел од барањата кои Платформата за родова еднаквост денеска ги упати до јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.
Од Платформата побараа доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и инстражни постапки во случаите на насилство врз жени, засилена контрола над работата на обвинителите во случајот „Јавна соба“ и изрекување санкции согласно закон, како и започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени.
Повикаа на донесување, фактична и доследна примена на внатрешни акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родово-засновано насилство, во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).
– На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво,  насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Иако „Јавна соба“ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, после една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Искуствата на жените на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките,  истакна Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.
Таа потенцираше дека од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување  релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.
На прес-конфернецијата претставниците на Платформата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители кој според нив недоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за родово-засновано насилство.
Здруженијата побараа и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања бидејќи низ годините, се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство.
– Од Вас очекуваме да преземете мерки во надлежност на Обвинителството и Советот за да обезбедите ефикасна заштита на животот и здравјето на жените жртви на насилство преку навремено, ефикасно, внимателно и сеопфатно спроведување на кривични постапки против сторителите, притоа имајќи предвид дека насилството врз жената не е личен и приватен проблем, туку Ваша одговорност. Ние повеќе не прифаќаме изговори или префрлување на одговорноста на другите институции, тука бараме резултати од обвинителството – веднаш,  нагласи Коцевска.
Од Платформата бараат Обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 март, со што, како што истакнаа, ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.
Од Платфомата за родова еднаквост истакнаа дека ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.с