Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја продолжува дводневната посета на Обединетите Арапски Емирати со средба со неговиот емиратски колега Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Во текот на денешниот ден, Османи во Абу Даби ќе се сретне и се државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија Ахмед Али Ал Сајег, како и со извршниот директор на Меѓународниот центар за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам Хедаја, Ахмед Ал Касими.
Вчера, на првиот ден од посетата на ОАЕ, Османи престојуваше во Дубаи, каде се сретна со државната министерка за меѓународна соработка Реим бинт Ебрахим Ал Хашеми, која е одговорна за меѓународна, развојна и техничка помош и е главен управен директор на „ЕКСПО 2020 Дубаи“.
Како што соопшти МНР, централна тема на средбата беше учеството на Северна Македонија на „ЕКСПО 2020 Дубаи“, а Османи упати и благодарност за помошта на ОАЕ за справување со пандемијата Ковид-19, што беше доделена на нашето Министерство за здравство во текот на месец ноември минатата година.
Османи имаше средба и со министерот за надворешна трговија Тани Ахмед Ал Зејуди, со кого разговараше за продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена, при што истакна дека економската соработка останува главен фокус на нашиот заеднички интерес, пред се во сферата на трговијата, инвестициите и туризмот.