Писмена реакција за ставот на Премиерот Зоран Заев

Почитувани,

Во врска со ставот на Премиерот Зоран Заев кој на заедничката прес конференција со Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер повтори дека за „Македонија е прифатливо име со географска одредница“, Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Македонскиот народ е единствен суверен владетел на името и идентитетот. Ниту еден лидер, партија или коалиција нема мандат да се раздава со националните обележја на Татковината.  Затоа, што е прифатливо или не, Премиерот Зоран Заев ќе може да соопшти само откако ќе го праша народот на референдум. Се друго е личен став на политичар кој свесно презема одговорност за сите штетни последици за иднината на Македонија и Македонскиот народ!

Македонската Алијанса одамна предупредува дека сервилната надворешна политика на актуелната Влада е погрешна и нема да го даде посакуваниот резултат. Доволно е да се слушнат пораките на Солунскиот пратеник на владејачката „Сириза“, Димитрис Мардас, кој во своето интервју директно ни порача дека не постои Македонска нација. Истовремено, Мадалена Пападопулу, портпаролката на „Независни Грци“ го повтори радикалниот став на нивниот лидер Панос Каменос дека нема да гласаат за решение кое во себе ќе го содржи терминот Македонија. Толку од мерките за градење доверба и преименувањето на аеродромот и автопатот!

Како мисли актуелната Влада да го зачува Македонскиот национален идентитет и достоинството на Македонскиот народ кога наспроти ваквите иредентистички позиции на официјална Атина демонстрира подготвеност за промена на името? Не прифаќаме придавки или одредници кои треба да го обезличат Македонскиот народ. Ние знаеме кои сме – Македонци од Македонија и нам не ни треба нов идентитет. Грција која има проблем со територијата која неправедно ни ја одзема во 1913, може сама да си го реши проблемот што ирационално го наметнува. Како што ги сменија сите Македонски топоними Грците нека си стават географска одредница на регионот кој го нарекоа Македонија или нека го вратат името Егејска Македонија.

ВРЕМЕ Е МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ДА СЕ ИЗЈАСНИ! БАРАМЕ РЕФЕРЕНДУМ!

Ние сме уверени дека преговорите за името треба да се прекинат веднаш. Сакаме во ЕУ и НАТО, но не по секоја цена. Или Македонија во јули да стане полноправен член на НАТО Алијансата врз основа на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг или нема за што понатаму да разговараме. Не може Грчката Влада да ни предлага нова билатерален договор кога не ја почитува претходната Времена Спогодба. Меѓународното право мора да важи за сите подеднакво!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски