Владата и ЗЕЛС разговаат за трајни решенија за финансирање на општините

Владата и ЗЕЛС разговараат на тема како да се обезбедат трајни одржливи поголеми извори на приходи, но премиерот Зоран Заев вели дека за тоа не се носат одлуки за време на криза, бидејќи ќе значат повисоки давачки за граѓаните, без разлика дали ќе се однесува на сите или за дел.

-Една од актуелните отворени теми на релација ЗЕЛС и Влада е токму таа, да се обезбедат трајни одржливи поголеми извори на приходи, а да не бидат тоа приходите од градежно државно земјиште и од комуналиите, но вакви одлуки никаде во светот, ниту кај нас се носат во време на ковид. Зошто ќе значат веднаш повисоки давачки за граѓаните, без разлика дали за сите или за дел од граѓаните како и да ги развиваме концептите.   Се дискутира многу често за градска рента, се дискутира многу често за зголемување на изворните приходи, како што е данокот на имот, фирмарините коишто доаѓаат.  Правиме паралели со европските земји членки кои се тие плус приходи што ги имаат општините ширум Европа и слично и с екако, изјави Заев во одговор на новинарско прашање на означувањето на почеток на реконструкција на кејот на Вардар.

Тој исткана дека во секој случај, доаѓа до повисоки давачки на граѓаните и затоа верува дека во време на одмината криза, во летото ќе може попрецизно да ги дефинираат давачки. 

Потенцира дека дел од постапките кои ги отвори Владата ќе генерираат големи приходи на општините, веќе согласно донесените одлуки или законски решенија коишто се во подготовка.  

-Трипати поголем данок на имот ќе се плаќа на општините за неискористен објект или не ставен во функција на развојот, почнувајќи од државата. Ако државата одреден објект не го користи, не го изнајмува, не го става во фунција на развојот трипати повеќе на матичната општина или преку Градот Скопје овде во Скопје ќе плати данок на имот, рече Заев.

Го напомена и земјоделското земјиште коешто ќе го оттуѓува државата преку која, како што посочи, сакаме огромен процент од него да дојдат како изворни приходи на општините.  

-Државата сака да го стави во функција на развојот, не го прави проектот заради приходи во државниот буџет. Токму овие големи приходи од 2 милиони хектари во државата, некои 200-300 илјади хектари со оттуѓување ќе значат 500-600 милиони евра пари, коишто континуирано низ месеци, низ полугодие ќе влегуваат во јавните каси. Голем процент сакаме да оди токму во општините, појасни премиерот.

Додаде дека се разговара и за други изворни приходи кои, како што рече, би биле на некој начин мотивирачки за сите граѓани коишто ја уживаат слободата, ја уживаат демократијата, ги почитуваат еколошките вредности или слично. И казни или поголеми давачки за сите оние коишто не ги почитуваат па да бидат токму тие полначи во буџетот. 

Потенцира дека и Градот Скопје и скопските општини доминатно своите развојни планови ги развиваат на периферијата према обиколницата. 

– Тоа значи Визбегово лево десно, позади и касарната Илинден, во делот на Карпош од  Илинденска кон север во Ѓорче Петров, исто така во Гази Баба, перифериите на Кисела Вода. Токму заради тоа што ние ветивме дека Скопје ќе продолжи да се гради, но со усул. Не мегаломански, не Скопје во кое ќе се блокира  флуктуацијата на ветерот и воздухот, туку ќе се развиваат повеќе перифериите на градот, а овде токму заради тоа е донесен новиот Закон за просторно урбанистичко планирање коешто прво ја испраќа пораката дека нема повеќе паркинг надвор од парцела, рече Заев. 

Во однос на градбите, порача дека паркингот мора да се реши во парцелата, а исто така и еколошката одредба е важна за обезбедување не помалку од 20 отсто зелени површини на самата локација.  

-Верувам дека ставивме корективи и механизми коишто го амортизираат мегаломанскиот апетит на инвеститорите, а од друга страна даваме можност и преку периферно градење на Скопје навистина да градиме главен град и понатаму којшто со усул ќе се гради, истакна Заев.