Шекеринска на состанок на НАТО министрите за одбрана – се дискутира за иднината на мисиите на НАТО во Авганистан и Ирак

Вториот работен ден од состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО за одбрана, беше посветен на иднината на НАТО мисиите во Авганистан и во Ирак, соопштија од Министерството за одбрана.

– Во однос на НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ каде и Северна Македонија придонесува со свои сили, министрите за одбрана го споделија ставот дека мировните преговори мора да продолжат, со јасен услов да се редуцира насилството и да се почитуваат условите од претходно постигнатиот договор. Сојузниците се едногласни дека понатамошното присуство на Алијансата во Авганистан е засновано на исполнување на одредени услови и ниту еден сојузник нема да остане подолго во Авганистан отколку што е потребно. Алијансата ќе си замине од Авганистан тогаш кога ќе биде вистинското време за тоа, информираа од Министерството за одбрана.

Ставовите на нашата држава во однос на НАТО мисијата во Ирак, се усогласени со оние на министрите за одбрана на НАТО, посочуваат од Министерството за одбрана.

– На барање на Владата на Ирак, се очекува министрите да го прошират ангажманот во оваа мисија со повеќе персонал за обука и советување на безбедносните институции во Ирак. Проширувањето на НАТО мисијата ќе се одвива етапно, како одговор на ситуацијата во Ирак, а со цел Глобалната коалиција за борба против тероризмот да биде сигурна дека ИСИС нема повторно да се врати во оваа земја, изјави министерката Шеќеринска.