Папајоану: Очекуваме доследно почитување на Договорот од Преспа

Се надеваме и очекуваме долседно почитување на предвиденото во Договорот од Преспа, нешто што е една од точките, критериумите што се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Прашан за барањето на ВМРО-ДПМНЕ во личните карти да не биде вклучена придавката „северна“, Папајоану истакна дека не сака да коментира „што вели опозицијата во Северна Македонија“.

-Она што сакам да кажам е она што го кажа и Дендиас кога беше тука Османи. Секако се надеваме и очекуваме доследно почитување на предвиденото со Договорот од Преспа, нешто што е една од точките, критериумите што се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија и на почетокот на преговорите со ЕУ. Не би сакал да коментирам она што го кажува ВМРО во конкретниот случај, рече портпаролот на грчкото МНР.

Околу трите меморандуми со нашата земја, што од средината на септември се доставени во грчкиот Парламентот, но се уште не се ратификувани, Папајоану кусо одговори дека нема нешто ново и „во некој момент ќе стигнат за гласање“.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на грчкото МНР говореше и за форумот „Филиа“ што минатата седмица се одржа во Атина со учество на шефовите на дипломатиите на Грција, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Кипар, Бахреин, Саудиска Арабија и Франција и истакна дека е отворен и за други земји.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали во иднина би можеле да бидат вклучени и балканските земји, Папајоану рече дека форумот општо е отворен и не постои  дискусија за конкретни земји.

-Секако, да истакнам дека Грција се надева и очекува зајакнување на билатералните и мултилатералните односи со земјите од Западен Балкан и постојат многу такви форуми во кои учествува Грција. Во овој контекст би сакал да споменам дека од 1 јули 2021 години Грција ќе го преземе претседателството на балканската иницијатива на „South-East European corporation process“. Грција преку овие иницијативи се обидува да ја зацврсти нејзината улога како мост на соработка, пријателство и размена на позитивна агенда, од една страна со земјите од Блискиот Исток и Заливот и од друга страна со Европа, вклучително и Балканот, одговори Папајоану.