Европските перспективи на земјата, имплементацијата на ИПА фондовите за прекугранична соработка со соседните земји, актуелната политичка состојба во државата и надминување на препреките кон целосното интегрирање во ЕУ, биле теми на денешната средба на министерот за локална самоуправа Горан Милевски со европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук.
На средбата Милевски, се вели во соопштението, посочил дека европските перспективи за нас како земја се важни во сите полиња за да може да бидеме подготвени за тој процес за пристапување кон европското семејство.
– Како министерство за локална самоуправа поддршката од ЕУ и соработката со Делегацијата на ЕУ во земјава преку ИПА Фондовите прекугранично со соседните земји е клучно за градење на мостови на пријателство и јакнење на економија. Со Албанија остваруваме соработка и проекти заедно со општините насочени кон животната средина, културното наследство, туризмот и јакнење на економијата преку претприемништво. Со останатите земји, Бугарија, Грција, Србија и Косово, како партнери во ИПА програмата проектите се во тек и остваруваме зближување на граѓаните за да се развиваат прекуграничните политики, појасни Милевски.
Милевски, исто така, го презентирал пред Ќучук новиот Закон за рамномерен регионален развој кој е важен во 8-те плански региони, за децентрализација на општините и нивна финансиска независност, што е една од важните реформи кои ни го трасираат патот до европските интеграции. Исто така, било разговарано за пописот, она што според Милевски периодов е најважен сегмент кој треба да се случи годинава и ќе ни биде од особено значење за креирање на реални локални политики.