Османи за „Политика“: Во регионот имаме вкрстени истории, интереси и иднина и треба да соработуваме

Сите ние во регионот имаме вкрстени истории, интереси и иднина и наш став е дека треба да соработуваме во процесот на европската интеграција и паралелно да ги решаваме отворените прашања, без едното да го условува другото, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за белградска „Политика“, дадено во пресрет на неговата денешна работна посета на Србија.

Говорејќи за односите со Софија и за бугарската блокада на европскиот пат на земјава, Османи посочува дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија воведе нова динамика во односите, засилен политички дијалог, зголемување на трговијата и проширување на соработката во многу области, како културата, образованието, европската интеграција, одбраната, локалната самоуправа, внатрешните работи.

– Покрај тоа, формиравме заедничка експертска комисија за историски прашања, што треба на паритетна основа да ги разгледува контроверзните прашања од историјата и врз основа на фактите да носи заклучоци. Но, она што е најважно е дека договорот ги одделува историските прашања од политиката, а политиката од историјата. Имено, договорот предвидува експерти од историјата да решаваат историски прашања, но и дека паралелно ќе продолжиме да ја зајакнуваме политичката и економската соработка, додава Османи.

Тој нагласува дека и покрај тоа што односите на земјава со Бугарија во моментов се оптоварени „со разлики што имаат историски контекст“, сепак верува дека тие може да се надминат.

– Спроведувањето одговорна политика и преземањето зрели чекори за иднината на државата не е лесно, а најчесто не е ни популарно. Но, веруваме дека нашите граѓани ги препознаваат нашите напори и чесни намери и дека идните генерации ќе ни бидат благодарни, потенцира Османи.

Во однос на заложбите на некои кругови во Приштина за обединување на Албанија и Косово, Османи потенцира дела прашањето за прекројување на границите на Балканот и во Европа е надминато, а членството во ЕУ ја неутрализира потребата за промена на границите и создавање „големи држави“.

– Регионот конечно треба да стане генератор на сигурност и развој. Тоа треба да бидат наши главни аргументи во трката во светот на глобализацијата, во која нема време за чекање, истакнува шефот на македонската дипломатија, додавајќи дека земјава го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и за неа е прифатливо секое решение што ќе произлезе од преговорите и кое нема да има штетни последици по регионот во однос на безбедноста.

Османи во интервјуто говори и за проблемот со пандемијата со Ковид-19, при што нагласува дека донацијата од Србија на вакцини за Северна Македонија претставува начин за зајакнување на пријателството меѓу двете земји и одличен пример за односите во регионот.

– Овој чин го зајакнува пријателството меѓу нашите земји и носи позитивна енергија во регионот. Пандемијата е глобален проблем, а глобалните проблеми бараат глобални решенија. Затоа, нашата позиција е дека е потребен мултилатерален пристап во кој ќе доминираат соработката и заедништво. Соработката помеѓу Северна Македонија и Србија влева надеж дека со ваква симболика ќе ги охрабриме сите во регионот да мислат и на другите, додава Османи во интервјуто за „Политика“.