Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана преку заштитена видео-конференциска врска, на кој во рамките на првиот работен ден министрите ја започнаа подготовката на следниот самит на Алијансата, планиран да се одржи до крајот на годинава во Брисел.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на првата работна сесија, министерката Шекеринска ги изнесе ставовите на нашата држава и ги поддржа предлозите на генералниот секретар Јенс Столтенберг повразни со иницијативата НАТО 2030, која има за цел да ја зацврсти Алијансата и воено и политички. Клучните препораки, се посочува, се однесуваат на усвојување на појасни и померливи национални цели на отпорност, поголема иновативност, зголемувањето на политичката координација меѓу сојузниците и инвестирањето во одбраната, и низа други елементи кои треба да бидат имплементирани во новиот Стратегиски концепт на Алијансата, планиран за 2022 година.
Во однос на рамномерното споделување на товарот и одговорностите во Алијансата, министрите го поздравија континуираното седумгодишно зголемување на трошоците за одбрана во насока на постигнување на препораките за достигнување на два проценти од БДП за буџетот на одбраната од кои најмалку 20 проценти се наменети за опремување и модернизација.
На состанокот, како што се наведува, министерката Шекеринска истакна дека Северна Македонија веќе трета година по ред бележи континуитет во зголемувањето на одбранбениот буџет при што во 2021 година тој е проектиран на 1.57 проценти од БДП, со што нашата држава е на пат до 2024 година да го достигне нивото од 2 проценти
-Оваа година обезбедени се повеќе од 25 проценти од одбранбениот буџет за опремување и модернизација на вооружените сили со што Северна Македонија се вброи во групата од 24 сојузници кои веќе ја исполнија втората обврска од НАТО Самитот во Велс со која членките најавија дека секоја година ќе одвојуваат повеќе од 20 проценти од својот одбранбен буџет за опремување и модернизација на вооружените сили, стои во соопштението од Министерството за одбрана.