Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со известителот за Република Северна Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук го повторил очекувањето за скорешно одржување на првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Како што се наведува во соопштението од средбата, отпочнувањето на преговорите, според Пендаровски, ќе биде дополнителен мотив за понатамошно спроведување на неопходните реформи. Билатералните прашања, потенцирал Пендаровски, треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности.
На средбата биле разменети мислења за напредокот на државата во контекст на аспирациите за членство во ЕУ, а во пресрет на усвојувањето на Резолуцијата на Eвропскиот парламент за извештаите на Европската комисија за Северна Македонија за 2019 и 2020 година, подготвена од известителот Кјучук.
На средбата претседателот Пендаровски оцени дека резолуцијата на ЕП е важен документ кој треба да ја одрази реалната слика за постигнатите реформи и политичката ситуација во земјата, како и да посочи на прашањата на кои треба да се фокусира државата во следниот период, се наведува во соопштението.
Пендаровски изразил благодарност за контиунираната силна поддршка од ЕП за процесот на проширување, како и за ангажманот на известителот Кјучук.
На средбата биле разменети мислења и информации и за актуелните состојби во државата и во поширокиот регион.