Јапонскиот амбасадор Хиронори Савада денеска престојуваше во посета на Дебар, што е, како што рече негово прво патување надвор од Скопје, по пристигнување во ноември.
Целта на посетата е потпишувањето договор за грант преку Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност, познат како ГГП програма, со кој Јапонија обезбедува печатач за дигитализација на рентгенот во Општата болница со проширена дејност, во износ од 35 илјади евра.
По потпишувањето на договорот Савада искажа надеж дека новиот печатач ќе го подобри квалитетот на рентген службата и ќе обезбеди високо квалитетна нега за жителите на општина Дебар, како и на оние од Центр Жупа и Маврово Ростуше, подрачјето на Река, кои исто така добиваат услуги во оваа болница.
-Програмата ГГП има долга историја во Северна Македонија. Од 1996 годна благодарение на прекрасното партнерство со многу македонски колеги, реализиравме 148 ГГП проекти, вклучувајќи 47 за медицински установи. Нашиот вкупен грант на ГГП е повеќе од 7 милиони евра до крајот на минатата година. Ние, Јапонците сме многу среќни што ги имаме дебрани за наши пријатели и преку оваа помош за грант го нудиме нашето пријателство за возврат, бидејќи пријателите кои си помагаат се вистински пријатели, рече Савада.
Договорот го потпишаа амбасадорот и директорот на дебарската болница, Баки Алили, а на настанот присуствуваше и градоначалникот Хекуран Дука, со кого Савада претходно имаше куса средба.
-Му искажав голема благодарност за донацијата која доаѓа од Јапонија и јапонскиот народ, кои се пријатели на Северна Македонија, а со тоа и на Дебар. Оваа донација е од големо значење за подигнување на квалитетот на здравствените услуги. Ова не е прва донација од амбасадата и пред повеќе од десет години болницата доби повеќе медицински апарати и болничко возило, што секако и тогаш и сега се од големо знаење за навремената дијагностика и лекување на населението во поширокиот дебарски регион, рече Дука, кој самиот по занимање е лекар уролог и долги години работи во болницата.
Директорот Алили, се заблагодари од име на вработените, но и во име на граѓаните од поширокиот регион.
-Во овие тешки времиња со пандемијата со Ковид-19, Јапонската амбасада го прифати нашиот проект и како установа добиваме многу значаен апарат за дигитализација на рентген службата. Во име на белите мантили огромна благодарност до пријателска Јапонија и се надеваме дека помош и поддршка ќе ја добиваме и во иднина, рече меѓу другото Алили.
Амбасадорот, придружуван од домаќините ја посети и Општата болница.