Нови 29 антикризни мерки, 160 милиони евра за ублажување на ефектите од кризата, закрепнување и поддршка на растот

Дваесет и девет мерки во вредност од 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра содржи петтиот пакет за поддршка на стопанството и граѓаните што го презентираше вчера Владата. Таа е со очекувања дека мерките ќе помогнат за ублажување на ефектите од кризата и за закрепнување на економијата и видливи проценти на раст во втората половина од годината. Наспроти владиниот кабинет, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека новиот пакет мерки е неразвоен и нема да ја даде потребната поддршка на стопанството и граѓаните.

За поддршка на плати во февруари и март 2021 година се обезбедени 1,92 милијарди денари. Ќе бидат опфатени околу 60.000 работници месечно, а поддршката ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари.

Премиерот Зоран Заев, образложувајќи го петтиот сет, појасни дека оваа мерка е опциска, односно компаниите ќе може да ја користат или неа или втората мерка – за кредити со нула проценти камата во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, индустрија за организирање настани, транспорт, првиватни здравствени установи. За втората мерка се проектирани 615 милиони денари или 10 милиони евра и за неа може да се аплицира во 2021 година. Средствата ќе се реализираат преку Развојната банка.

Новина што ја најави вчера Владата е тоа што компаниите нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка за исплата на плати за февруари и март, доколку ги инвестираат во наредниот период за раст и развој, без разлика дали ќе остварат добивка или загуба на крајот на годината.

Со новиот пакет мерки е предвидено и да се бришат каматите на долговите што граѓаните ги имаат кон јавните претпријатија. Со таа мерка не се опфатени каматите на долговите кон приватните компании ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија кои даваат јавни услуги, но премиерот Заев ги повика и нив доколку се во можност, да се приклучат кон оваа акција.

Вкупно 307,5 милиони денари, пак, изнесува поддршката за тутунарите проектирана со овој  антикризен пакет,  50 милиони денари ќе бидат поддршка на сите 120 радија и телевизии во земјава кои имаат концесии за емитување програма.

Меѓу мерките е и таа со која се предвидува дека ако им се регулирани сите претходни обврски на општините, тие годинава ќе можат остварените заштеди од лани да ги искористат за капитални инвестиции, наместо да ги враќаат во Буџетот.

– Мерките ќе го заокружат процесот на директна поддршка со што преминуваме во фаза на излез и закрепнување од кризата. Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително очекуваме да се стимулира. Со кредити со ниски камати и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП во вториот квартал на 2021 година, истакна премиерот Заев.

Тој најави дека поддршката од повеќето мерки ќе се користи до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата.

Предвидени се средства во Буџетот, а доколку има потреба ќе се прави ребаланс, но, како што рече министерот за финансии Фатмир Бесими, не за брзо време, затоа што има средства за реализацијата во првата половина од годината.

– Светот и официјалните меѓународни институции се уште се на оптимистичката варијанта, односно дека по март, со успешната реализација на динамиката на вакцината на светско ниво, а тоа и кај нас, во втората половина од годината може да се очекува раст. И затоа мерките се дизајнирани како што беше најавено и од страна на премиерот, а и претходно, дека покрај поддршка на стопанството за ублажување на ефектите од кризата се фокусираат кон поддршка на растот и закрепнување на економијата, укажа Бесими.

Заев очекува, како што вели, бледнеење на економската криза од ковид пандемијата во првата половина на годината, а вистински резултати од преземените мерки и активности за нејзина поддршка во втората половина со видливи проценти на раст.

Наспроти нивните очекувања лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за неразвоен пакет на економски мерки, кој нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните во онаа мера во која тие очекуваат. Тој вчера повторно критикуваше и дека нема интензивна реализација на капитални инвестиции, што е основа за раст на економијата во една држава. Ја обвини власта дека, како што рече, игра со ниски кампањи, да им го избрише долгот на граѓаните кон комуналните претпријатија, ако основниот долг го платат на рати, но никаде не се споменуваат оние граѓани кои редовно си ги сервисираат обврските.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ амандмански ќе интервенира во предлог законот кој ќе дојде во рамки на Комисијата за финанасирање и буџет и за оние граѓани кои редовно ги сервисираат обврските, да имаат определени ваучери кои понатаму ќе можат да ги искористат.

Мерките од петтиот пакет се донесени низ дијалог и партнерство со стопанските комори, работодавачите и синдикатите, како и изминатите четири пакети, проследени со сериозни анализи од институциите.