Филипче: Владата целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза

Република Македонија ќе биде домаќин на бордот на Глобалниот фонд кој годинава ќе се одржи на 8 и 9 мај. Од Глобалниот фонд го препознаа лидерството на нашата земја во регионот како земја која целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза од Глобалниот фонд. Одлуката едногласно беше донесена пред неколку недели на состанок на Управниот одбор на Глобалниот фонд.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој учествуваше на регионалната консултативна средба за обезбедување одржливост на сервисите за ХИВ и туберкулоза. Потенцира дека се предвидени средства во износ од 90 милиони денари и тие се доволни програмите да продолжат така како што беа спроведувани досега за превенција, дијагноза и третман.

Владата, посочи министерот, стави акцент и огромен фокус на оваа проблематика, најде средства во националниот Буџет и целосно го презема финансирањето на програмата која беше финансирана од Глобалниот фонд од 2004 година, а ги опфаќа превенцијата, дијагностиката и лекувањето на ХИВ/СИДА и туберкулоза.

– Како Министерство за здравство ги препознавме граѓанските организации како клучни партнери во натамошна имплементација на овој проект со оглед на нивното огромно искуство и директниот контакт со целните групи. Објавивме два јавни повика од кои вториот на почетокот на овој месец и веќе на 28 февруари ќе ги потпишеме договорите со 15 граѓански организации кои се пријавија за финансирање од нашиот национален Буџет, рече Филипче.

Додаде дека во Република Македонија има исклучително ниска стапка на ХИВ дури и во најризичните групи што, како што рече, се должи на исклучително добра соработка меѓу националните владини институции и невладиниот сектор.

Претставникот на платформата за ХИВ, Христијан Јанкулоски рече дека вкупниот буџет за програмите за ХИВ за годинава е 95 милиони денари од кои 47 милиони денари се за превентивните програми кои ќе ги имплементираат 15 здруженија, околу 43 милиони денари се за комплетната програма за луѓето кои се на третман за ХИВ, а остатокот од средствата се за Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје кои се поврзани со мониторинг, евалуација на овие програми.

Претседавачот на Управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против СИДА, маларија и туберкулоза од Женева, Аида Куртовиќ рече дека одржувањето на состанокот на Глобалниот фонд во мај во Скопје е на еден начин признание на Република Македонија за лидерската улога и големата работа која е направена во соработката не само со невладините организации, туку и во транзицијата и одржливоста на програмите за борба против ХИВ/СИДА и туберкулоза во Македонија.

– Денеска имаме состанок на осум земји од регионот на Југоисточна Европа кои дискутираат како со заеднички напори можеме повеќе да направиме во борбата против ХИВ/СИДА и како со заеднички напори на владиниот и невладиниот сектор можеме целата наша досегашна работа да ја направиме одржлива и да се задржи ниската стапка на заболување од ХИВ. Се надевам дека резултатот од оваа напорна работа ќе биде презентиран на почетокот на идната година со имплементација на заедничката регионална програма во земјите од Југоисточна Европа, додаде Куртовиќ.