Шекеринска: Правиме се за членство во НАТО, но не зависи се од нас

Секоја држава мора да ја гарантира својата безбедност без разлика на се и за да стане членка на НАТО треба да даде гаранции дека внесува стабилност. Работиме и на нашата внатрешна безбедност, работиме и на членството во НАТО, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, прашана што доколку Македонија и годинава не добие покана за членство во Алијансата.

Посочи дека не треба да надаваме со датум, меѓутоа очекуваме извештајот на Европската комисија во април и заклучокот на земјите-членки на НАТО ќе покаже дека Македонија ги совладала предизвиците.

– Нашата цел како Влада беше да ги тргнеме сите резерви околу тоа дали Македонија заслужува членство во НАТО и ЕУ. Јас сум убедена дека тоа ќе го постигнеме, изјави Шекеринска.

Меѓутоа, посочи дека за Македонија да ја добие поканата за НАТО во јуни потребно е решение и на едно друго прашање што не зависи само од нас, а тоа е спорот што Република Грција го има со нашето уставно име.

– Преземавме обврска да направиме се што е во наша моќ да дојдеме до решение што ќе биде добро за двете држави. Ако не постои волја за решение, тогаш решение нема да има. Меѓутоа, многу е важно Македонија јасно покажа ние сме подготвени, работиме и сме за решение годинава, а не после 10 години. Ако тоа го направиме, тогаш и грчката Влада ќе треба да образложи зошто и самите не се подготвени да инвестираат во подобра безбедност во своето соседство, изјави Шекеринска.

Меѓутоа, посочи дека нашите одлуки се наши и не се доволни за да дојде до решение, но, како што рече, верува дека и ЕУ и НАТО се реално заинтересирани да бараат придонес во безбедноста на регионот и Европскиот континент.