Мнозинството во Парламентот може само да се зголемува, а не да се намалува, вели Заев

Премиерот Зоран Заев е убеден дека ќе го задржи мнозинството од 62 пратеника во Парламентот и оти поради, како што вели, исправните политики, тоа може да се зголемува, а не да се намалува. Тој денеска уште еднаш повтори дека предвремени парламентарни избори нема да има, дека е потребно земјата да има редовни избори, а времето дотогаш да се користи за работење за подобра иднина на граѓаните.

Во моментов, рече Заев, е посветен на реализација на владината програма, на реформите и на сите проекти кои се во интерес на граѓаните и, како што нагласи, не троши време на парламентарното мнозинство затоа што тоа се добива од исправни политики, а се губи од лоши.

-Тука немам никакви дилеми. Напротив, поради исправноста на политиките, европските политики, за искрените намери, заради транспарентноста на работата… очекувам мнозинството од 62 пратеника да порасне во иднина. И да испратам  уште еднаш порака дека со пратеници со кои сме разговарале оти треба да продолжиме да градиме иднина заедно, и да застанеме зад ваквите проекти и подобрата иднина на целиот наш народ заедно. Значи очекувам да расте мнозинството, а немам никакви стравови дека ќе се изгуби тоа парламентарно мнозинство од 62 пратеника, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Како што дополни, и претходно Владата поминала мандат од две и пол или три години со мозинство од 62, 65 или 64 пратеници.

Во врска со барањата на опозицијата да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен, тој е дециден дека такво нешто нема да се случи.

-Ја повикувам секоја партија  која што мисли дека треба да има нека се изјасни јавно за тоа. Коалициските партнери, владини и тие што го сочинуваат парламентарното мнозинство апсолутно се на ставот дека треба во државата конечно да има редовни избори, дојде време да се работи и да се сработи до крај, заради тоа што секој месец, секој ден, секој час  е важен да се сработи, а не постојано да се оди на избори. Еве бевме на избори, прифативме предвремени парламентарни избори на барање на опозицијата, утврдивме евроатлантска агенда и завршија изборите и изгуби ВМРО ДПМНЕ. И сега повторно да одиме на парламентарни избори, зошто, заради тоа што така Мицковски мисли. Не. Нема потреба да одиме, нема прични зошто да одиме. Треба да одбработиме, рече Заев.

Премиерот нагласи дека дефинитивно парламентарно мнозинство за одлука за предвремени парламентарни избори нема. Ако го има, потенцира Заев, господинот Мицкоски нека го покаже. 

-Предвидливоста за економијата е важна.Треба да знаат сите деловни луѓе, секое семејство, секој граѓанин за да може да прави предвидливост за плановите во своето семејство, во својата компанија, ќе има редовни парламентарни избори во 2024 година. Така што, апелирам позитивистички, оптимистички да се гледа на процесите, да се влезе во инвестиции, да се има голема храброст во чекорењето заради тоа што реално за земјата се ова неповторливи денови, месеци, години кои треба да ги искористиме, а тоа се години на јакнење на економскиот стандард, на нашиот народ, на европеизацијата на РСМ, на спроведување мал милион проекти и на корпоративно ниво, зборувам за фирмите и на лично или семејно ниво за семејствата во државата, порача премиерот Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *