Во Брисел средба Османи – Столтенберг

 Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денешнaта работна посета на Кралството Белгија ја искористи за посета на седиштето на НАТО и средба  со генералниот секретар, Јенс Столтенберг, која симболично се совпаѓа со годишнината од  ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието.
-За мене лично, денешната посета на НАТО е повеќе од симболична, ова е моја прва официјална  средба тука, по преземањето на функцијата, предводник на дипломатијата на Северна Македонија, и не верувам дека е игра на случајност, но денешниот ден се совпаѓа со ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието. Со што се потврди цврстата, едногласна и суверена одлука да бидеме денес  30-та полноправна земја – членка на Алијансата, а тоа е навистина убаво чувство – да се биде и официјално дел од најважната (најсилната) политичко-воена алијанса на светот, истакна Османи.

Османи и Столтенберг, како што се наведува во соопштението од МНР,  разговараа околу активностите на Република Северна Македонија во насока на заокружување (на процесот за) и целосно интегрирање на земјата во структурите на НАТО, финализација на правната рамка, ратификување на договорите што произлегуваат од нашето членство во организацијата и други активности што произлегуваат од членството.

На средбата беа разменети и повеќе мислења околу политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, како и околу нашето учество во натамошните планови и активности на Алијансата, а се разговараше и околу актуелните состојби со КОВИД 19 пандемијата, при што, како што се додава, заеднички беше констатирана потребата од тесна соработка во рамки на НАТО и со земјите членки во справувањето со оваа глобална криза.

-Особено сме благодарни до сите земји-членки и партнери што обезбедија помош за нашата земја, што го цениме како висок степен на солидарност, како клучен принцип врз кој се темели  НАТО, нагласи Османи.

Османи е во дводневна билатерална посета на Луксембург и Белгија, во рамките на дипломатските активности за посета на европските главни градови, што има за цел презентација на европското досие на Северна Македонија.