Северна Македонија и САД во изминатите декади покажаа како се гради искрено и конструктивно, но и успешно пријателство. Ова пријателство беше темел на нашето членство во НАТО. Северна Македонија 30 години ја имаше оваа цел како своја стратешка цел и 30 години можевме да сметаме на вашата соработка, соработка со САД.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за одбрана радмила Шекеринска по средбата со заменик командантот на Американските сили во Европа, генерал-мајор Џозеф Џерард кој е во официјална посета на Северна Македонија.
– Нема поцврста и нема поблиска соработка од тоа својот живот да го довериш на војникот до себе, а тоа е она што македонските и американските војници го правеа сиве овие години, особено во Авганистан, прво во ИСАФ, а потоа и во „Одлучна поддршка“, порача Шекеринска.
Министерката информираше дека продолжува соработката со Алијансата и САД во зајакнување на капацитетите на армискиот полигон Криволак, а една од активностите кои следуваат се е изградба и дополнување на инфрастуктурата на полигонот од страна на припадниците на 15 Инженерски баталјон од Американските сили во Европа кои во текот на овој месец ќе пристигнат во земјава и заедно со нашите инженерци ќе работат на Криволак.
-Вредноста на капацитетот уште еднаш ќе ја покажеме и ова лето кога токму на Криволак ќе се одржи вежбата „Одлучен удар 21“ на која што учество ќе земат некаде околу две илјади припадници на вооружените сили на Северна Македонија, на САД, Бугарија и Грција, истакна Шекеринска.
Генерал-мајор Џозеф Џерард нагласи дека нашата земја е вреден и ценет безбедносен партнер како на регионално така и на глобално ниво. Тој нагласи дека е многу значајно подобрувањето на воената интероперабилност на нашата Армија и дека е способна за зајакнување на подготвеноста и колективната одбрана на НАТО но и соработката со САД и партнерите .
-Долги години нашите воени сили уживаа силно партнерство преку партнерството на Република Северна Македонија на ниво на сојузна држава со Националната гарда на Вермонт. Оваа земја се покажа и како лидер во регионалните безбедносни иницијативи како што се САД и Јадранската повелба и Балканските медицински армиски сили, истакна Џерард.
Заменик командантот на Американските сили во Европа рече дека во моментов тренираат со нашата Армија во рамките на вежбата „Комбинирано решение“ и дека со нетрпение очекуваат соработка во вежбата „Бранител Европа 21“ која, според него, ќе ја зајакне силната врска помеѓу двете земји.
-Овие вежби се уште се во фаза на планирање, но на овој начин ќе се покаже способноста на копнените сили на САД за Европа и Африка да служат како стратешки безбедносен партнер во регионите на Западен Балкан и Црното Море паралелно со одржување на нашите способности во Северна Европа, Кавказ, Украина и Африка, појасни Џерард.